Глобалната економија моментално подобро се справува со шоковите од очекуваното, па така септемврискиот извештај на ОЕЦД предвидува стапка на глобален раст од 2,9 отсто за оваа година – што претставува нагорна ревизија во однос на претходната прогноза од 2,8 отсто. Сепак, се предвидува дека растот во наредната година ќе забави од 3,1 отсто на 3 отсто.
Глобалниот економски раст останува кревок. Од една страна, комбинацијата од повисоки трошоци за енергија, повторниот пораст на инфлацијата и високите каматни стапки врши притисок за забавување на растот, додека инвестициите во вештачката интелигенција моментално служат како клучен двигател на растот.
Иако глобалниот раст забавува во споредба со претходните години, основното сценарио на ОЕЦД не вклучува рецесија.
Блискиот Исток – заедно со цените и залихите на енергенси – претставува примарен макроекономски ризик. Нарушувањата во производството и извозот од Персискиот Залив доведоа до пораст на цените на нафтата и гасот, додека европските резерви на гас се на најниско ниво за овој период од годината во последните повеќе од 15 години.
Основното сценарио на ОЕЦД се заснова на претпоставката дека ситуацијата ќе се стабилизира и дека цените на енергенсите ќе паднат во текот на 2027 година.
Инфлацијата повторно се врати како проблем. Се предвидува дека инфлацијата во земјите од Г20 ќе порасне од 3,4 отсто во 2025 година на 4,1 отсто во 2026 година, по што ќе падне на 3,6 отсто во 2027 година. Повеќе од половина од земјите од Г20 веќе бележат стапки на инфлација над целните вредности на нивните централни банки. За еврозоната, ОЕЦД предвидува раст од околу 3 отсто во 2026 година и 2,9 отсто во 2027 година, додека прогнозата за САД изнесува 3,6 отсто за оваа година и 2,6 отсто за следната година. Централните банки целат кон инфлација од околу 2 отсто.
Поради високата инфлација, не треба да се очекува период на брзо намалување на каматните стапки. Околу една третина од следените централни банки веќе ги зголемија стапките од март наваму, вклучително и оние во САД и еврозоната. ОЕЦД смета дека може да бидат потребни дополнителни прилагодувања доколку енергетскиот шок се прелее во поширока инфлација. Истовремено, приносите на долгорочните државни обврзници во многу развиени економии се на највисоко ниво во последните 15 или повеќе години. Вештачката интелигенција (ВИ) стана макроекономски фактор, а не само технолошка приказна. Инвестициите во центри за податоци, опрема и полупроводници значително ги поттикнуваат БДП, индустриското производство и меѓународната трговија. Овие ефекти се особено видливи во САД, Канада и Австралија преку инвестиции, а во Кореја, Јапонија и Кина преку извоз на технологија. ОЕЦД дури забележува дека потрошувачката и производството поврзани со ВИ во многу економии од Г20 ги компензираат релативно слабите инвестиции во другите сектори на економијата.
Сепак, постои и ризик поврзан со ВИ. Пазарните вреднувања укажуваат на многу силен иден раст на заработката. Доколку повратoт од огромните инвестиции во ВИ се покаже како разочарувачки, може да дојде до пад на инвестициите и вреднувањата, што би влијаело врз градежништвото, инженерството и финансиските пазари.
Европската економија останува прилично слаба. ОЕЦД очекува раст во еврозоната од само 1 отсто оваа и следната година. Растот на цените на енергенсите и каматните стапки ја забавуваат економската активност. Во претстојниот период, падот на цените на енергенсите и зголемените трошоци за одбрана би требало да делуваат во спротивна насока, поттикнувајќи го економскиот раст.
Според песимистичкото сценарио – во кое цените на нафтата би останале на сегашните нивоа и следната година, придружени со недостиг на ресурси, ефектите од „Ел Нињо“ и влошени финансиски услови – економскиот раст во 2027 година би бил значително понизок. Во тоа сценарио, глобалниот раст во 2027 година би бил за 0,7 процентни поени понизок, а инфлацијата за 1,1 процентен поен повисока во споредба со основното сценарио.
Храната е следниот потенцијален извор на инфлаторен шок. ОЕЦД предупредува на многу силен „Ел Нињо“, кој би можел да влијае врз земјоделството во Австралија, Индија и Југоисточна Азија. Во меѓувреме, цените на пченицата и пченката веќе пораснаа поради временските услови и прекините во снабдувањето од регионот на Црното Море. Домаќинствата со ниски приходи би биле особено погодени.
Фискалниот простор со кој располагаат владите се намалува. Повисоките приноси на државните обврзници значат поскапо сервисирање на јавниот долг, додека истовремено растат расходите поради стареењето на населението, потребите за одбрана и екстремните временски настани. Затоа, ОЕЦД се залага за насочена и привремена помош во областа на енергетиката, наместо за општи субвенции и ограничувања на цените. Во моментов, само околу половина од активните мерки во енергетскиот сектор се насочени кон конкретни цели.












