Рекордна сума приватни пари годинава е насочена кон економиите во развој преку активностите на Групацијата на Светска банка. Станува збор за 112 милијарди долари, што е највисока сума мобилизирана во приватен капитал во историјата на институцијата. Овој резултат практично ја исполнува целта што со години ја поставуваа земјите членки и корисниците на Светска банка – да се привлечат многу повеќе приватни инвестиции за проекти и економии на кои им е потребен дополнителен капитал.

Особено впечатлив е растот во последните неколку години. За само четири години, средствата мобилизирани од приватниот сектор се зголемиле повеќе од трипати. Во фискалната 2022 година изнесувале 35 милијарди долари, додека во фискалната 2026 година достигнале 112 милијарди долари.

Од Светска банка посочуваат дека рекордниот резултат е постигнат и преку значително зголемен број издадени гаранции. Тие се користат како инструмент за намалување на ризикот за приватните инвеститори и за поттикнување на вложувања во земји во развој. Целта е приватниот капитал да помогне таму каде што јавните средства сами по себе не се доволни – односно да се обезбедат дополнителни пари за економски развој и инвестиции.

Сумата од 112 милијарди долари доаѓа во период кога земјите во развој се соочуваат со потреба од поголеми инвестиции, додека пристапот до капитал и натаму може да биде поскап и потежок отколку кај поразвиените економии.

 

ИЗДВОЕНИ