Досегашната в.д. претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска, е избрана да го менаџира судот. Со 11 гласа „за“, Судскиот совет ја избра судијката Димовска за нова претседателка, таа доби и четири гласа „за“ при гласањето според Бадентеровото начело.
„Констатирам дека Советот донесе одлука со која Даниела Димовска се избира за претседател на Основниот кривичен суд – Скопје“, ја прогласи за избрана од мнозинството членови, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Во текот на седницата, повеќе членови ја образложија поддршката за Димовска, посочувајќи дека нејзината програма за работа нуди визија за развој и подобро управување со судот. Нејзин противкандидат беше судијата Ивица Стефановски.
„Имајќи го предвид извештајот на претседателот на Комисијата, гласав за Даниела Димовска. Во врска со програмата и акциониот план, се определив за судијата Даниела бидејќи има иновативност за управување во Кривичниот суд, наспроти другиот кандидат, кој е солиден судија“, рече членот на Судскиот совет, Исамедин Лимани. Членката на Советот, Антоанета Димовска, оцени дека двајцата кандидати се квалитетни, но дека програмата на Даниела Димовска оставила посилен впечаток. „Ивица е солиден судија, работел сериозни предмети. Но присуствував на интервјуто на двајцата кандидати, а имаше и разлика во пристапот на гледањето на кандидатите како треба да се менаџира судот. Димовска имаше визија како треба да се менаџира, што треба да прави како иден претседател. Програмата на Димовска е развојна, визионерска и реална согласно со буџетот, како и оптимистичка дека може да обезбеди средства“, рече Димовска. Оваа членка ја поддржа новата претседателка и кога се назначуваше за в.д. во Кривичниот суд, тогаш нејзиното „за“ наиде на остра реакција од актуелниот државен јавен обвинител, Ненад Савевски, кој беше судија во Кривичниот суд. Савевски ја обвини членката Димовска бидејќи го кршела законот за судови, според кој, за функцијата требало да биде избран најдоброоценетиот судија во судот, а тоа не била таа, нејзиното рангирање било на 11. место.
Поддршка за изборот даде и членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, кој нагласи дека е разочарувачки што за функцијата се пријавиле само двајца кандидати, иако условите ги исполнувале многу повеќе судии.
„Двајцата кандидати имаа високи оценки, ги познавам двајцата. Навистина ми е жал што од 50 судии во овој суд, поголемиот дел ги исполнуваат законските критериуми да бидат апликанти, а за жал само двајца се јавија, иако знаеме сите дека за ова место може да аплицираат и судии од други судови. Овој суд е огледало на перцепцијата на граѓаните за работата на судовите. Димовска сменила неколку претседатели и можела да осети и добро и лошо менаџирање. Со искуството верувам дека ќе ги подобри работите. Пресудно за да направам разлика помеѓу двајцата кандидати е што кај Даниела осетив предизвик да се менаџира со овој суд и да се биде прв меѓу еднаквите. И со овие скромни ресурси верувам дека ќе носи рационални решенија за да го искористи капацитетот за поефикасна и побрза правда“, рече Николовски. Новата претседателка, Даниела Димовска, јавноста ја запозна откако се обелодени дека нејзиниот брат е еден од осомничените во истрагата за даночниците од Штип кои му дојавувале контроли на сопственикот на дискотеката „Пулс“. (П. А.)












