понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА ВО ЈАДРОТО НА МЕЃУПРАВОСЛАВНИТЕ БИТКИ И ТАКТИЗИРАЊЕ: МПЦ-ОА меѓу Москва...

МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА ВО ЈАДРОТО НА МЕЃУПРАВОСЛАВНИТЕ БИТКИ И ТАКТИЗИРАЊЕ: МПЦ-ОА меѓу Москва и Фанар, по двата или по едниот пат?

По пораките на рускиот патријарх кажани на средбата со владиците Георгиј и Климент, македонскиот Синод практично е пред избор: да се избере само едниот пат кон Москва или кон Цариград или, пак, да се чекори по двата, при што е јасно што може да се најде на крајот од секој пат

0

Автокефална Македонска црква, која доби законска автокефалија, или црква што преку преговори треба да добие ново име за да биде запишана како автокефална и со дилеми околу нејзината дијаспора и односите кон некои цркви? Ваква е одново дилемата во која изминатиов викенд поглаварот на Руската православна црква патријарх, Кирил, ја внесе Македонската православна црква – Охридска архиепископија со обраќањето на двајцата македонски владици – Георгиј и Климент. На средбата, по одбележувањето на неговиот 80. роденден, патријархот Кирил го кажа она што е став на црковна Москва веќе четири години: се признава македонската црковна автокефалност под уставното име, врз основа на таквиот томос што ни го издаде Српската православна црква. Со обраќањето на двајцата владици дека се претставници на „Македонската црква, која добила законска автокефалија“, практично на маса им ја постави дилемата што натаму да прави МПЦ-ОА во услови кога не е завршено прашањето на нејзината автокефалност поради различниот став како на Вселенската патријаршија така и на повеќе други православни цркви во однос на издадениот томос од Белград. Познато е, Вселенската патријаршија и повеќе други цркви смета дека нејзиниот томос е единствено легитимен и дека ставот на Москва и на Белград нема канонска основа. Но, издавањето на томосот од Фанар е повеќе од три години парализирано, пиради неприфаќањето на македонските владици новото име на нашата црква да биде Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима – Православна црква во Република Северна Македонија, да се отстапи управувањето со дијаспората, да се признае новата Православна црква на Украина, која го доби томосот од Фанар.

Во ваква ситуација, македонските владици практично се пред изборот: да се тргне по едниот пат кон Москва или кон Цариград или, пак, да се чекори по двата, при што е јасно што може да се најде на крајот од патот. Но, при ова, особено ќе биде важно да се знае дека се случува изборот на патот во екот на главната битка за тоа дали ќе биде центарот на православието во Фанар или во Москва, дали ќе ја има вселенскиот патријарх главната улога во доделувањето на томосите за автокефалност или за тоа ќе одлучуваат сите православни цркви со консензус, врз одлуката на мајката црква? Руската црква, заедно со Српската, веќе јавно ги објави своите позиции и стратегијата за преместување на православното средиште во руската метропола и одземање на досегашното право на вселенскиот патријарх. Токму рускиот претседател, Владимир Путин, деновиве го збогати роденденот на рускиот патријарх, Кирил, со изјавата дека „Третиот Рим ќе биде во Москва“. Односно дека ќе се пресели центарот на православието од Цариград во руската престолнина. Во таа битка, на црковна Москва, сепак, ѝ се потребни цркви сојузници што го мислат истото. Па така, нејзиниот став кон автокефалноста, уставното име и дијаспората на МПЦ-ОА може да се доживее и како понуда, покана, отворена врата за нашето придружување на блокот предводен од Москва и од Белград.

Но, тука се поставува прашањето дали ќе се затвори на таков начин прашањето за нашата црковна автокефалност. Рускиот патријарх кажа дека е законски добиена таа, но дали го мислат истото и сите други православни цркви? Бројот на православни цркви што сметаат дека за тоа е клучен томосот од Вселенската патријаршија не е мал и тие, извесно, сметаат дека е поинаков законскиот пат отколку што се смета во Москва. Пред десет години, на сеправославниот собор на Крит, не беше усвоен документ за процедурата за издавање нечија црковна автокефалност. Во него беше предложено прво мајката црква да даде согласност, а потоа да се достави тоа барање до Вселенската патријаршија, која бара сеправославен консензус од сите поглавари за да се издаде томос на крајот. Проблемот настана кога инсистираше Фанар вселенскиот патријарх да го потпише документот со формулацијата „одлучува“, што означува врховна власт и конечна одлука, а другите поглавари само да го потпишат, како израз на согласност. Москва не го прифати тоа и бараше рамноправно да се потпишат сите поглавари на автокефалните цркви, без формулација што му дава на Цариград ексклузивна власт над другите цркви. Откако не се постигна согласност, предлогот за начинот на издавање автокефалност се симна од дневен ред, а издавањето на новата автокефалност остана како и дотогаш, при што решавачкиот збор го има вселенскиот патријарх, Вартоломеј. Впрочем, и самата Српска православна црква во томосот што ѝ го даде на МПЦ-ОА пред четири години наведе дека „томосот им се доставува на сите сестрински православни цркви на усвојување, бидејќи СПЦ не е единствен фактор на автокефалнијата, туку тоа е полнотата на православието, поради што е потребно прифаќање од страна на другите православни цркви“. Односно дека се прифаќа нашата автокефалија откако за тоа ќе биде постигнат консензус на сите цркви. Од изјавата на рускиот патријарх, пак, се гледа дека е завршен тој процес за нив и дека практично не треба согласност од другите цркви. А во меѓувреме, стратешката битка меѓу Москва и Фанар се води за придобивање на што повеќе цркви сојузници за да се донесе одлука околу начинот на кој ќе се издава нова црковна автокефалност.

Македонската православна црква досега изоди тежок и макотрпен пат за да дојде во ситуација во која во 2022 година, прво од Вселенската патријаршија беше признаена како канонска црква и најавата дека ќе биде признаена за автокефална како „Црквата на Охрид“, Охридска архиепископија, ОА-Јустинијана Прима и Православна црква во РСМ. Потоа следуваше експресното издавање на томосот од СПЦ со уставното име и со зачувана дијаспора, но српските владици никогаш не објаснија на кој начин мислат да се запише во диптихот на православните цркви една црква што има национален предзнак во своето уставно име. Досега не се случило такво нешто во практиката на впишувањето на автокефалните цркви, туку се применува принципот на впишување на седиштето или, пак, на државата во која делува црквата. Македонските владици досега повеќепати изјавуваа дека сакаат да бидат мост преку кој ќе оди помирувањето меѓу Руската црква и Вселенската патријаршија. Тоа е добра стратегија под услов да не се останеа само на едниот брег и во рамките на само едниот блок. Но, и под услов да не се прекршуваат црковните канони и важечките правила што се на сила во одреден период. Двата спротивставени православни блока еден ден ќе мора да седнат и да разговараат. Токму вселенскиот патријарх, Вартоломеј, неодамна изјави дека по крајот на војната во Украина, ќе ги обнови контактите со рускиот патријарх. А тоа значи дека незаобиколна тема ќе биде и прашањето на заокружување на автокефалноста на МПЦ-ОА, за што се потребни добри односи со сите страни. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ