Грчката опозиција во понеделник го критикуваше премиерот Киријакос Мицотакис за неговата забелешка дека постарите граѓани би можеле да користат државна помош за да им ја купат на своите внуци видео играта „Grand Theft Auto VI“ (GTA).
Во видео порака објавена на Инстаграм во петок, Мицотакис најави дополнителна исплата од 400 евра за поддршка на речиси два милиони пензионери пред Божиќ и го спомена неодамна објавеното продолжение на популарната игра.
Поранешниот премиер и лидер на левичарската партија Елас, Алексис Ципрас, рече дека играта содржи насилство и не е соодветна за деца.
„Баби и дедовци, не слушајте глупости и држете се до својот став“, рече тој, според бриселскиот Политико.
Социјалистичката партија ПАСОК, исто така, го нападна Мицотакис во соопштение, обвинувајќи го за лицемерие откако владата неодамна гласаше за забрана на користењето на социјалните медиуми за лица под 15 години.
„Тој промовира игра што регулаторите не ја препорачуваат за лица под 18 години поради насилство, пцуење и употреба на дрога“, се вели во соопштението на партијата.
Мицотакис во видео објавено на социјалните мрежи рече дека неговите внуци веројатно ќе ги замолат своите баби и дедовци да им купат GTA за Божиќ, со музика од популарната игра што свири во позадина.
Најновото продолжение од серијата видео игри GTA, објавено минатиот четврток, беше најавено како најочекуваното издание во историјата на дигиталната забава.












