Општина Гази Баба ги информира сите заинтересирани граѓани дека е објавен Јавен повик за доделување субвенции за набавка и вградување на сончеви колектори за домаќинства.
Оттаму велат дека целта е стимулирање на користењето на сончевата енергија. Притоа, додаваат дека субвенциите се наменети за финансиска поддршка на граѓаните кои ќе се одлучат за користење обновливи извори на енергија, со што ќе придонесат кон заштита на животната средина и намалување на трошоците за електрична енергија.
На купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови, Општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година, под услов купувачите до сега да не користеле средства од Буџетот на Република Македонија за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом, во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2025 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од буџетот на Општина Гази Баба за 2025 година.