Наставничка во Словачка денес беше убиена со нож во напад извршен од ученик во основно училиште, додека две други лица се сериозно повредени, соопштија властите.
Полицијата изјави дека е приведен 13-годишник осомничен за нападот во северозападниот дел на земјата, дека ситуацијата е под контрола и дека нема дополнителна опасност за јавноста. Мотивот за нападот засега е непознат.
Убиената наставничка имала 61 година. Меѓу повредените се ученик во критична состојба и 41-годишен наставник кој е хоспитализиран со тешки повреди, соопштија словачките служби за итни случаи.
Претседателот Петер Пелегрини изјави дека е „длабоко потресен од трагичниот инцидент“ во училиштето во Сташков. Тој и премиерот Роберт Фицо изразија сочувство до семејствата на жртвите.
„Настани како овој служат како сериозно предупредување за целото наше општество. Затоа е уште поважно да посветиме посебно внимание на атмосферата што ја создаваме во општеството. Потребни ни се повеќе мир, почит и внимателност“, рече Пелегрини.
Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, министерот за образование Томаш Друкер и министерот за здравство Камил Шашко отпатуваа во Сташков, пренесе „Бета“.












