Најмалку 16 лица загинаа, а четворица се повредени денес кога патнички автобус и цистерна за гориво се судрија на автопат на индонезискиот остров Суматра, соопштија локалните власти.
Службеник од локалната агенција за управување со катастрофи изјави дека несреќата се случила околу пладне на автопат во покраината Јужна Суматра, кога меѓуградски автобус со најмалку 20 патници удрил во цистерна за гориво што се движела во спротивна насока, објави АП.
Тој рече дека прелиминарните наоди од истрагата покажале дека автобусот, кој се движел помеѓу градот Лубуклингау во Јужна Суматра и градот Џамби, веројатно се запалил кратко пред да се судри со цистерна за нафта што доаѓала од спротивната насока со голема брзина, оставајќи малку време за избегнување на директен удар.
„Силината на ударот предизвикала пожар што ги зафатил двете возила, оставајќи многу жртви заробени во возилата“, рече службеникот, додавајќи дека меѓу загинатите се возачот на автобусот и 13 патници, возачот на цистерната и неговиот патник, кои сите изгореле во пожарот.
Четири патници во автобусот ја преживеале несреќата и биле однесени во блиската болница, вклучувајќи тројца со сериозни изгореници и еден со полесни повреди.












