Германија, која со децении беше ветената земја за работници од целиот свет, брзо ја губи својата привлечност на глобалниот пазар на трудот. Според најновата анализа на угледниот Институт за германска економија (IW), дупката на пазарот на трудот ќе биде драстично поголема отколку што беше претходно предвидено.
Новите прогнози покажуваат дека Германија се соочува со историски недостиг на работна сила, што би можело сериозно да ја загрози стабилноста на водечката економија во Европа.
До 2036 година, дефицитот на германскиот пазар на трудот ќе изнесува околу 4,3 милиони работници, што е драстичен скок во споредба со прогнозата од пред две години, кога се споменуваше бројката од три милиони.
Демографските податоци покажуваат дека во Германија ќе живеат околу 81,1 милиони луѓе до 2045 година, што е за 2,9 проценти помалку од сегашната состојба.
Вкупниот потенцијал на работна сила ќе се намали за 6,9 проценти до 2036 година – од 55 милиони, како што е евидентирано во 2025 година, на само 51,2 милиони луѓе.
Како главна причина за ваквите драматични прогнози, експертите од Институтот IW наведуваат значително пониски стапки на имиграција од оние предвидени во претходните економски модели. Германија, која со децении беше ветена земја за работници од целиот свет, брзо ја губи својата привлечност на глобалниот пазар на трудот.
Анализата наведува дека до 2036 година, само 9,8 милиони жители ќе достигнат работоспособна возраст, што е апсолутно недоволно за да се покрие бранот масовни пензионирања на постарите генерации.
Гледајќи на долг рок, до 2045 година потенцијалот на населението во работоспособна возраст ќе се намали за дури 8,3 проценти, на само 50,4 милиони луѓе. Доколку овие најлоши сценарија се остварат, германските компании ќе бидат принудени да направат радикални промени во своето работење, да затворат фабрики или масовно да го преместат производството во други земји.












