понеделник, јуни 15, 2026
Дома СВЕТ Кој во Иран го има последниот збор за потпишување договор со САД?

Кој во Иран го има последниот збор за потпишување договор со САД?

53
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги бранеше разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, нагласувајќи дека заштитата на националните интереси и зачувувањето на авторитетот на земјата не е само политика на неговата влада, туку заедничка позиција на целиот државен систем.

Тој рече дека сите клучни делови од иранскиот естаблишмент имаат „заедничка визија и цел“ кога станува збор за разговори со САД.

Пезешкијан нагласи дека ставот на Врховниот совет за национална безбедност, едно од најважните стратешки тела за донесување одлуки во Иран, е клучно во процесот на преговори.

Според него, конечната одлука за преговорите ја донесува врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, кој го наследи својот татко Али Хамнеи во март по неговата смрт.

Со овие изјави, иранскиот претседател се обидува да одговори на критиките од тврдокорните кои ги сметаат преговорите со САД како попуштање под притисок.

Пезешкијан претходно изјави дека Иран мора да преговара „со достоинство“, но дека отфрлањето на каков било дијалог не е логичен одговор на кризата.

Преговорите се водат во време на голем економски притисок, регионални тензии и неизвесност околу нуклеарната програма на Иран, наведува TOK.

Дополнително загрижувачки е фактот што, според извештаите на западните медиуми, Моџтаба Хамнеи не е виден на неодамнешните јавно потврдени фотографии или видеа откако ја презеде функцијата, додека иранските медиуми објавија писмени пораки што му се припишуваат нему.

ИЗДВОЕНИ