Навистина, прекрасно е чувството да се види живата традиција на Македонците од јужниот крај, на натпревари што опстојале седум и пол децении и што привлекуваат голем број домашни и странски гости, проследени со богата културно-уметничка програма. Игрите се вистински заштитен белег на жителите од ова населено место и со право Стојаково е „центарот“ на Македонија на 1 Мај. Оваа година, еве како, на „стујачки“ начин, бистрите, гостопримливи и горди жители на Стојаково ги најавуваат традиционалните првомајски трки 2026

 

Вообичаено кај нас, празникот 1 Мај се користи за излет во природа. Речиси секој град има свои традиционални излетнички места и најчесто тоа се зелени, прекрасни ливади покрај вода, каде што населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува Денот на трудот. За разлика од нив, граѓаните на населеното место Стојаково го прославуваат празникот на трудот „ударнички“, со манифестацијата „Првомајски трки“.

Настанот ги собира локалните жители и посетители да уживаат во нестандардна и весела форма на натпреварување, промовирајќи ги заедништвото, хуморот и народната традиција.

Навистина, прекрасно е чувството да се види живата традиција на Македонците од јужниот крај, на натпревари што опстојале седум и пол децении и што привлекуваат голем број домашни и странски гости, проследени со богата културно-уметничка програма. Игрите се вистински заштитен белег на жителите од ова населено место и со право Стојаково е „центарот“ на Македонија на 1 Мај. Оваа година, еве како, на „стујачки“ начин, бистрите, гостопримливи и горди жители на Стојаково ги најавуваат традиционалните „Првомајски трки 2026“.
„Ајде народе, оште малце има, на Први мај Стојаково сите на гости ве прима. Да дојте, има шо да вијте, ним дома да са кријте. Зилено стујачко пиво ќе пијме уд с’лнцито са кријме,оро ќе играјме, песни ќе пејме, сите ќе са смејме.

Ќе плесќиме р’ци, забава ќе правме за да не са забравме. Елајте си тука, сите ва викме со магарто ќе ва сликме. Ним ного са мислејте п’тут за Стујакаво гу фатејте“.

А, зошто да го посетите Стојаково токму на 1 Мај? Затоа што тогаш улиците се преполни: со стари што си ги враќаат спомените од минатото, со млади што имаат сјај во очите, но и со оние најмалите, во кои лежи надежта за зачувување на иднината на селото.

– Населено место Стојаково е пример дека традицијата, која грижливо се негува и чува, трае навистина долго – изјави за ВЕЧЕР членот на Организацискиот одбор, Александар Каракабаков.

Првата „Првомајска трка“ во Стојаково, со магариња и коњи, се одржала во далечната 1951 година и се претпоставува дека била организирана од тогашната задруга, во времето на т.н. колективизација и масовното прославување на Денот на трудот, 1 Мај. Спојот на минатото и на сегашноста ги прави жителите на Стојаково горди, имајќи предвид дека овие натпревари се дел од нивниот живот и од традицијата што трае 75 години. Токму по нејзината атрактивност селото стана познато и за Денот на трудот, привлекувајќи голем број домашни и странски гости, кои секогаш ќе бидат добредојдени таму, вели Каракабаков. И оваа година, Советот на месната заедница од Стојаково, под покровителство на Општина Богданци, како и здружението на граѓани „Стојаково блуз“, со поддршка од Министерството за култура и туризам, е организатор на традиционалните првомајски трки. Еве што ни изјави за самата програма претседателот на месната заедница, Сашо Улишев :

– Стартот на трките е на 1 Мај, петок, точно во 9:00 часот, со трката со коњи, по што ќе следуваат натпреварите во дури 24 дисциплини, а во кои ќе учествуваат голем број натпреварувачи. Можам да кажам дека најинтересни трки, трки што привлекуваат најмногу внимание, се оние со коњи и магариња. Да споменам дека магарето е заштитен знак на „Првомајските трки“. Има голем интерес и за работничката трка со колички, која е нова и беше воведена пред една година, под мотото „Полесно ми е да туркам работничка количка отколку да го поминам месецот со мојата скромна платичка“. За постарите, до 65 години, предвидена е пензионерска трка на 100 метри, со носење јајце во лажичка. Освен овие, ќе има и трка на сто метри за јуниори и за сениори, во машка и во женска конкуренција, скокање во вреќи, трка на 1.500 и на 3.000 метри, трка со велосипеди, борба на рака и влечење јаже. На првите тројца натпреварувачи во сите категории организаторите ќе им доделат и парични награди. Инаку, самиот настан е поделен на спортски и на културен дел. Во културниот дел, кој ќе започне во 18:00 часот, ќе настапат: КУД „Бранд Петрушев“, фолклорната секција „Стојаково“, Виолета Арнаудова, Слободанка Арнаудова и триото „Форте астра бенд“. Интересни се сите дисциплини, па ги поканувам сите што сакаат забава, спорт, традиција и култура, слободно да се пријават за учество. Има испратено покани до сите наши поддржувачи, особено до Игор Џамбазов, затоа што има многу направено за промоција на нашето населено место. Впрочем, песната „Стојаково блуз“ е чест и синоним на здружението, кое во негова чест го нарековме „Стојаково блуз“ – потенцира Улишев.

 

Во ановите на Стојаково, на времето престојувале карваните за одмор, за поење на добитокот или за ноќевање. Поради престојувањето, кираџиите почнале да го нарекуваат ова место Стојакот. Така, од зборовите „стојам“, „престојувам“ и „Стојакот“ населбата го добила името Стојаково. Затоа, доколку ве нанесе патот за првомајските празници, долу, кон југот, бидете дел од одбележувањето на 75 години од „Првомајските трки“ во Стојаково, настан што ги чува и слави духот на заедништвото, спортската страст и љубовта кон традицијата. Ова не е само јубилеј. Ова е приказна за луѓето, за времињата што поминале, за спомените што продолжуваат да живеат и за традицијата што никогаш не престанала да чука во срцата на стојачани.

Насмевките и возбудата што ја носат трките не може да се раскаже, туку само да се доживее во единственото Стојаково.
Ако дојдите еднш,пак ќе са врните тоа да знајте, ако не веруавте, кој бил питајте,таква љубоф само тук ќе најте. На крај пак вие си знајте, ама тука шо ќе вијте никој п’т нема да забраафте!

 

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ