Во пресрет на еден од најзначајните спортски настани во регионот, Медитеранските игри Таранто 2026, спортистите што ќе ги бранат боите на Македонија добиваат дополнителна поддршка. Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Стефан Лазаров ја официјализираа соработката, преку која познатиот јутјубер и креатор на дигитални содржини ќе даде свој придонес во активностите поврзани со промоцијата на македонската делегација и на настапот на претстојните Медитерански игри. Како дел од соработката, Лазаров веќе почна со споделување содржини на своите социјални мрежи поврзани со македонската делегација и со настапот во Таранто, со цел спортските приказни, подготовките и патот на нашите спортисти до големиот спортски настан да бидат поблиску до пошироката јавност.
Истовремено, тој ќе биде дел од македонската делегација во Таранто, каде што преку своите канали ќе ја пренесува атмосферата од Игрите, моментите поврзани со настапите и случувањата околу нашиот тим.
Лазаров ја гради својата поврзаност со спортот уште од најмладите години. До својата 18-годишна возраст професионално се занимаваше со фудбал, а спортската приказна ја продолжува и денес, преку својот активен животен стил, редовното спортување и промовирањето здрави навики и физичка активност преку своите канали и јавни настапи.
Во изминатиот период, преку своето јавно дејствување, тој покажа поддршка за иницијативите поврзани со спортот, хуманитарните активности и промоцијата на позитивни животни вредности. Неговата комуникација со младата публика претставува дополнителна можност спортските вредности, како што се посветеноста, истрајноста и тимскиот дух, да бидат поблиску до неа.
На Медитерански игри Таранто 2026, Македонија ќе настапи по четврти пат како независна држава, со една од најбројните делегации досега, составена од околу 130 учесници што ќе се натпреваруваат во 19 спорта.
Од првиот настап како независна држава до денес, македонските спортисти освоија 14 медали на Медитеранските игри: три златни, две сребрени и девет бронзени. Сите медали се освоени во индивидуални спортови, а најголем број од нив доаѓаат од борењето, каратето, таеквондото и од боксот. Со новиот настап во Таранто, македонските спортисти ќе имаат можност да ја продолжат оваа традиција и со гордост да ги претставуваат македонското знаме и спортските вредности.












