четврток, септември 24, 2026
Дома МАГАЗИН Благоја Грујовски на сунет-прослава во турскиот Измир, како вистинска планетарна музичка ѕвезда

Благоја Грујовски на сунет-прослава во турскиот Измир, како вистинска планетарна музичка ѕвезда

890

Ајирлија! Фантастични спомени носи со себе нашиот популарен пејач Благоја Грујовски од своите неодамнешни спектакуларни настапи во турската туристичка метропола, Измир. Тој таму направи вистински дар-мар, а беше поканет од иселениците од Македонија, кои не ја забораваат родната земја, а во која останаа да живеат голем број нивни роднини и пријатели.Атмосферата што ја создаде тој и многу доброто расположение со чочеци и ора ги обележаа неколкуте негови феноменални настапи. Сите играа и пееја со него, а за долгите овации, ракоплескањето и за целата таа еуфорија што се создаваше неколку дена уште долго ќе се прераскажува. Сите си го направија ќефот со омилените македонски ора, ги пееја најпознатите македонски песни, стари и нови, додека нашата фолк-ѕвезда најмногу ги израдува со својот мегахит, „Туѓино јабано“.

Исто така, самиот пејач беше забележливо воодушевен, иако признава дека воопшто не му било лесно со оглед на многу високите тропски дневни и ноќни температури во тој дел од Земјината топка. Сепак, преку ден успеваше да се освежи во кристално чистото топло Средоземно Море и со по некоја чашка од познатото вкусно турско пиво „ефес“.

На своите профили, тој објави видеоприказни од настапите, па може да се забележат интересни детали од овие настапи. Секако дека тоа подразбира и одлична заработувачка. Луѓето не се штедеа да го „накитат“ Благоја со евра, долари и турски лири. Настапите се одржаа во познатите населби Алтиндаг и Чамдиби во Измир, каде што тој беше главна и многупочитувана музичка ѕвезда на нивната голема традиционална сунет-прослава. Заедно со него настапи и одличниот локален бенд „Ершан Хурман и група ЕНА“, кои свиреа на своите традиционални тапани и препознатливи дувачки инструменти.Самиот тој македонскиот пејач, по сè изгледа, остана без здив поради убавините што му се случија таму, во Измир. Пречекан и третиран како планетарна музичка ѕвезда, по примерот на турскиот пејач Таркан. Тој само кратко и искрено им порача на сите: „Бевте прекрасни, пријатели мои. Ајирлија… ајирлија!“

(Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ