Станислас Вавринка, кој ја игра последната сезона од својата кариера, се осврна на иднината на Новак Ѓоковиќ и уште еднаш нагласи колку е импресивно она што продолжува да го покажува тој на теренот.
Швајцарецот ја започна сезоната на земјена подлога на челинџерот во Неапол, каде што беше елиминиран во првото коло од Матео Мартино, но во текот на престојот во Италија зборуваше и за актуелни теми од светот на тенисот. Тој особено се осврна на Ѓоковиќ.
- Само Новак знае што сè уште може да постигне. Тој е сè уште на самиот врв, трет е во светот и веќе играше во финалето на гренд слем оваа сезона. Неверојатно е да се гледа и да се види дека сè уште може да биде конкурентен и покрај своите години – рече Вавринка.
Вавринка сега се насочува кон мастерсот во Монте Карло, каде што доби посебна покана и ќе се обиде да постигне уште еден значаен резултат на прошталната турнеја.











