На оние што будно ја следеа оваа средба на двајцата светски моќници им остана да читаат меѓу редови од штурите информации што ги дадоа тие. До крајот остана впечатокот од самото пристигнување на Шји во Вашингтон – дека посетата е со многу стил, но без суштина. Шји му повторил на Трамп дека треба да ја избегнат „стапицата на Тукидид“, со која се опишува опасната динамика што настанува кога се заканува сила во подем да ја истисне веќе етаблираната сила, што може да доведе до насилен конфликт
По гламурот од пречекот на кинескиот претседател, Шји Џинмпинг, во Вашингтон, за кој имаше детални информации во реално време, јавноста не дозна многу за суштината на настанот – што зборувале Шји и американскиот претседател, Доналд Трамп, зад затворени врати, речиси 90 минути.
На оние што будно ја следеа оваа средба на двајцата светски моќници им остана да читаат меѓу редови од штурите информации што ги дадоа тие. До крајот остана впечатокот од самото пристигнување на Шји во Вашингтон – дека посетата е со многу стил, но без суштина. Како што наведува „Гардијан“, посетата на Шји Џинпинг била преполна со симболика, но без знаци дека состанокот зад затворени врати донел пробив по трнливите прашања како што се вештачката интелигенција, трговијата, Тајван и Иран. Речиси идентични коментари дадоа и другите медиуми што го следеа настанот.
Од изјавите дадени при пристигнувањето на Шји и пред свечената вечера во Белата куќа може да се наведат само пофалбите на Трамп за врските на САД со Кина и изјавата на Шји дека двајцата лидери имале „искрена и длабинска размена“ на мислења и дека можат „меѓусебно да се зајакнуваат“ целите на двете земји. Шји вчера изјави и дека економските и трговските тимови на Кина и на САД одржале нова рунда консултации во текот на неговата посета на Белата куќа и постигнале нов договор, што тој го оцени како добра вест за глобалната економија, но не кажа каков е договорот, освен ако не мислеше на продолжувањето на трговското примирје. Истакна и дека со Трамп разменил мислење за состојбата на Блискиот Исток, како и за кризите во Украина и на Корејскиот Полуостров, пренесе новинската агенција „Синхуа“. Во знак на добра соработка, Шји покани 100.000 американски граѓани да студираат во Кина, а Пекинг, како дел од својата „панда-дипломатија“, ќе испрати две панди во американска зоолошка градина, како гест на пријателство.
Што се однесува на една од најважните теми, вештачката интелигенција, Трамп напиша во објава на „Трут сошл“ во четвртокот изутрина дека тој и Шји ќе разговараат за „суперинтелигенцијата“ (негов новоизмислен термин за ВИ), но посочи дека има мал интерес за нови регулативи, и покрај загриженоста на лидерите во индустријата дека на крајот ВИ би можела да претставува закана за луѓето. Шји допатува во Америка со приоритетна тема за разговор – Тајван и во текот на попладневната дискусија по пристигнувањето, како што јави „Синхуа“, го повикал Трамп да ѝ се спротивстави на „независноста на Тајван“, меѓутоа Белата куќа не даде свој одговор. Но, особено одекна една повеќепати повторена реченица на Шји: двете земји треба потесно да соработуваат за да ја избегнат „стапицата на Тукидид“. Оваа фраза ја опишува опасната динамика што настанува кога се заканува сила во подем да ја истисне веќе етаблираната сила, што може да доведе до насилен конфликт. Поентата е дека подемот на Кина има потенцијал да ѝ се спротивстави на доминацијата на САД.
По спектакуларниот пречек на Шји на аеродромот, што не е вообичаена практика за американските претседатели и се има случено само еднаш претходно, кога Барак Обама го пречека папата Франциск, Трамп имаше уште да му покаже на гостинот од Кина. Го одведе на новиот хелиодром во Белата куќа и го прошета низ нејзината галерија, каде што му покажа врамена фотографија од „автопен“ – машина за автоматско потпишување – изложена на местото каде што треба да биде портретот на поранешниот американски претседател Џо Бајден, што го насмеа Шји.
А, како шлаг на тортата, дојде свечената вечера. Менито за формалната официјална вечера содржеше јадења со американски состојки и „суптилно кинеско влијание“, според канцеларијата на сопругата на Трамп, Меланија, која ги водела подготовките. Вечерата почнала со здравица, симболично, со пенливо вино „шрамсберг блан де ноар“, како потсетување на „здравицата за мир“ на поранешниот американски претседател Ричард Никсон и на кинескиот премиер Џоу Енлаи во Пекинг, во 1972 година, објави „Ју-ес-еј тудеј“.
Целата вечера била „филувана“ со забавна програма во чиј центар бил оперскиот пејач Кристофер Макио и со декор претежно во црвена боја, поради неговото „долгогодишно културно значење низ кинеската историја“. Како декор, а, можеби, и како суштина на гала-вечерата, забележано е присуство на повеќемина технолошки милијардери – Тим Кук, Илон Маск, Сем Алтман и други, вредни вкупно 22 милијарди долари! Трамп му даде и подарок на Шји – скулптура на белоглав орел, која, како што рече, го симболизира слободниот и возвишен дух на Америка. Додаде дека во дизајнирањето учествувале тој и неговата сопруга, Меланија.
Поранешен американски дипломат изјави за Би-би-си дека ваквите самити се она што им е потребно на двете суперсили во моментов за „да се спречи влошување на состојбата“.
– Свеченоста и протоколот не придонесуваат за напредок. Пандите се слатки, но она што ѝ треба на Америка се ретките земни елементи. Она што го гледаме не е толку дипломатија колку „дипломатска забава“, што нема да направи многу за да ги реши сериозните проблеми во односите меѓу САД и Кина – рече Дени Расел, поранешен американски дипломат што служел во администрацијата на Обама.












