Мистеријата околу смртта на еден британски брачен пар во познатото одморалиште во Хургада, Египет, се продлабочи откако обдукцијата извршена во Обединетото Кралство откри дека бактеријата ешерихија коли можеби не била причината за нивната смрт.
Џон и Сузан Купер починаа на 21 август во хотелот „Штајгенбергер Аква Меџик“ (Steigenberger Aqua Magic) во популарното одморалиште на Црвеното Море. Форензичките испитувања спроведени од египетските власти утврдија дека причината за смртта е поврзана со бактеријата ешерихија коли, сепак, нивната ќерка, Кели Ормерод, изјави дека „се случува нешто сомнително“, особено истакнувајќи дека нејзините родители немале никакви здравствени проблеми пред одморот. Правниот тим на семејството издаде соопштение во врска со резултатите од обдукцијата спроведена во Обединетото Кралство.
E.Coli at the Egyptian hotel was behind British tourists’ deaths, the country’s chief prosecutor has said, but the daughter of Susan and John Cooper doesn’t believe it ‘for one minute’.https://t.co/WerNJQCWI3
— The Telegraph (@Telegraph) September 12, 2018
„Потврдуваме дека е извршена обдукција на телата на Џон и Сузан Купер. За жал, и покрај спротивните тврдења на египетските власти, резултатите од обдукцијата беа неубедливи, а патологот не успеа да утврди можна причина за смртта во ниту еден од случаите“, се вели во соопштението, во кое се додава дека ќе се спроведат дополнителни токсиколошки испитувања.
Кели Ормерод (40), ќерката на брачниот пар кој почина под мистериозни околности, претходно изјави дека нема доверба во египетските власти. Тие претходно објавија дека испитувањата покажале оти Џон Купер (69) имал акутна цревна инфекција предизвикана од ешерихија коли, додека тестовите укажувале дека Сузан Купер (63) починала од компликации поврзани со инфекција, најверојатно предизвикана од истата бактерија. Нивните наоди исто така покажаа дека другите испитувања на воздухот и водата во хотелот не откриле ништо невообичаено.
Поради смртта на британските државјани, 300 туристи беа евакуирани од хотелот во кои престојуваа.












