Легендарната словенечка скијачка Тина Мазе повторно привлече големо внимание со своите размислувања за современиот спорт. Овој пат, поранешната олимписка шампионка упати сериозно предупредување за влијанието на социјалните мрежи врз професионалните спортисти, посочувајќи дека постојаната потреба за присуство на интернет им одзема драгоцено време, енергија и концентрација.
На прес-конференција на „Еуроспорт“, Мазе направи споредба меѓу времето кога таа беше на врвот на кариерата и денешната реалност. Според неа, социјалните мрежи порано биле само место за споделување фотографии и спомени, додека денес се претвориле во огромна обврска за спортистите.
- Во наше време, социјалните мрежи не беа ни приближно толку распространети. Беа како обичен албум – ќе објавевте фотографија и тоа беше сè. Сега, кога ќе ги отворите, ве преплавува огромно количество содржина, објасни Словенката.
Таа посебно ги посочи маркетиншките обврски кон спонзорите, кои бараат спортистите постојано да објавуваат содржини и да бидат активни на дигиталните платформи. Како позитивен пример го наведе Марсел Хиршер, кој меѓу првите ангажирал лице задолжено за управување со неговите профили.
Сепак, најголемиот проблем, според Мазе, е тоа што денот и понатаму има само 24 часа, а спортистите, покрај тренинзите и натпреварите, мора да најдат време и за дополнителните обврски.
- Порано слободното време попладне го користевме за одмор, си легнувавме во десет навечер и не ги гледавме мобилните телефони до утрото. Така подобро закрепнувавме и можевме да постигнуваме подобри резултати, истакна таа.
Мазе предупреди дека постојаното присуство на социјалните мрежи влијае врз менталната свежина и врз концентрацијата, не само кај спортистите туку и кај тренерите. Во алпското скијање, каде што и најмала грешка може да има сериозни последици, губењето на фокусот може да биде особено опасно.
Нејзиното мислење го дели и швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами, која одлучи да ги избрише своите профили за да ги заштити приватноста и душевниот мир. Мазе, која во историската сезона 2012/2013 освои неверојатни 2.414 бодови во Светскиот куп, смета дека современиот спорт се соочува со проблем за кој сè уште не се зборува доволно.











