среда, октомври 7, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Собранието го донесе Законот за проверка на инвеститорите

Собранието го донесе Законот за проверка на инвеститорите

14

Собранието со 82 гласа „за“ го донесе Законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции. Пратениците ги изгласаа и одлуките за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор и за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад. Беа прифатени и четири амандмани на дополнетиот предлог-закон за државна ревизија, по што текстот ќе биде доуреден и за него во целост ќе се гласа на друга седница.

Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки во прво читање, со кои се предвидува поедноставување на постапките, поголема дигитализација, зајакнување на транспарентноста и на контролата, како и професионализација на службениците.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, посочи дека една од клучните измени е зголемувањето на вредносните прагови за примена на Законот. Кај класичниот јавен сектор, прагот за стоки и на услуги се зголемува од 1.000 на 2.000 евра, а за работи – од 5.000 на 10.000 евра. Кај секторските дејности, праговите се зголемуваат на 4.000, односно 20.000 евра.

Се зголемува и прагот за набавки преку електронскиот пазар за набавки од мала вредност, до 20.000 евра, со цел поедноставно набавување стандардизирани стоки и услуги.

Со измените се зајакнуваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки, кое ќе може да развива дигитални алатки и решенија засновани на вештачката интелигенција, за следење ризици и за откривање неправилности.

Предвидена е и професионализација на службениците преку континуирано професионално усовршување наместо досегашното повторно полагање испит при ресертификација. Од 2027 година се планира и поширока примена на критериумот „најдобар однос меѓу цената и квалитетот“ кај набавките над 130.000 евра.

На седницата се разгледуваат и измени на законите за надворешни работи, данокот на личен доход, заштитата на децата, минималната плата, работните односи, како и законите поврзани со критичната инфраструктура, високото образование и со научноистражувачката дејност.

Пратениците претходно на натамошно читање ги дадоа и измените на законите за високи раководители, административни службеници, вработени во јавниот сектор, плати и други надоместоци на избрани и именувани лица, како и Законот за шуми.

ИЗДВОЕНИ