EPA/INGA KJER

Хејден Панетиер, поранешната детска актерка која растеше пред очите на публиката, почина во недела, пет дена пред својот 37. роденден.

„Со длабока тага ја соопштуваме веста за трагичната смрт на нашата сакана Хејден“, наведе нејзиниот татко Алан. „Таа беше неверојатна светлина и сила на природата, која им носеше неизмерна љубов и радост на сите што ја познаваа, како и на милиони луѓе кои ја гледаа на екранот.“

Причината за смртта сè уште се утврдува. Панетиер се прослави уште на десетгодишна возраст со филмот „Remember the Titans“, а потоа играше во серијата „Heroes“, филмовите од франшизата „Scream“ и музичката драма „Nashville“.

Во текот на годините отворено зборуваше за својата борба со зависноста од дрога и алкохол, депресијата и тешките последици од растењето во Холивуд.

Панетиер почнала да се појавува во реклами уште на 11 месеци, а на петгодишна возраст ја добила првата улога во сапуницата „One Life to Live“.

Во своите мемоари This Is Me: A Reckoning, објавени во мај годинава, се присетува на детството и на почетоците во актерството. Како еден од најубавите моменти го издвојува снимањето на „Remember the Titans“, каде што играла американски фудбал со Дензел Вашингтон.

Но, книгата содржи и многу потешки спомени – семејни проблеми, смртта на нејзиниот брат Џенсен во 2023 година, како и нејзината сложена врска со мајка ѝ, која истовремено ѝ била и менаџер.

Панетиер во мемоарите опишува и повеќе непријатни искуства со моќни луѓе од филмската индустрија. Таа наведува дека била несоодветно допирана и притискана од познати личности и луѓе со влијание во Холивуд.

Особено потресен бил настанот кога имала 18 години и била поканета на забава на јахта во јужна Франција. Таму, според нејзиното сведоштво, од неа било побарано да спие со познат британски музичар. Панетиер успеала да избега пред да се случи нешто повеќе.

„Целиот живот верував дека другите ми мислат добро. Тоа што другите управуваа со мојот живот стана толку вообичаено што ја изгубив довербата во сопствената интуиција“, напишала таа.

Борба со зависноста

Панетиер открила и дека уште на 15 години луѓе од нејзиниот професионален тим ѝ давале „апчиња за среќа“ пред појавувања на црвениот тепих, за да биде повесела и поенергична за време на интервјуата.

„Не знаев дека тоа не е во ред, ниту какви последици ќе има тоа подоцна кога станува збор за зависноста“, раскажала таа.

Со текот на годините, зависноста од дрога и алкохол станала сериозен проблем. Во 2020 година поминала осум месеци на рехабилитација и детално опишала колку тешко било откажувањето од алкохолот. Панетиер во мемоарите пишува дека лекар ѝ предупредил оти, доколку не престане да пие, може да умре за помалку од пет години.

Нејзините мемоари се и сведоштво за долгата борба со зависноста, траумите и депресијата, но и за нејзината желба да најде смисла во сето она што го преживеала. Без оглед на тоа што ќе се покаже како причина за нејзината смрт, едно е сигурно, објавува „Варајети“: Холивуд не успеа да ја заштити Хајден Панетиер.

„Се надеваме дека нејзината смрт ќе им послужи како потсетник на најмоќните луѓе во филмската индустрија дека гласовите на младите девојки и жени мора да се слушнат, дека мора да се чувствуваат безбедно и дека мора да бидат заштитени од најтемните поединци на тој свет“, заклучува списанието.

Хајден Панетиер зад себе ја остави ќерката Каја, која ја доби од врската со поранешниот светски боксерски шампион Владимир Кличко.

Веста за нејзината ненадејна смрт предизвика голема тага меѓу нејзините обожаватели ширум светот.

ИЗДВОЕНИ