Словачкото Министерство за надворешни и европски работи објави дека 20-тиот пакет санкции на Европската Унија против Русија сè уште не е формално усвоен и дека ставот на Братислава ќе зависи од непречениот проток на нафта низ нафтоводот „Дружба“, пренесе „Тас“.
Во соопштението на министерството се наведува дека се објавени неточни и нецелосни информации за усвојувањето на санкциите и се нагласува дека постапката на ниво на ЕУ сè уште не е завршена.
На постојаниот претставник на Словачка во ЕУ му е наложено исклучиво да го поддржи започнувањето на писмена постапка во рамките на преговорите од страна на Комитетот на постојани претставници (Корепер), што, како што се нагласува, не значи формално усвојување на санкциите.
Словачка постојано нагласува дека поддршката за 20-тиот пакет санкции зависи од продолжувањето на снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“ преку Украина.
„Доколку нафтата тече непрекинато и со договорениот капацитет, Словачка нема да го блокира пакетот санкции, што е во согласност со конзистентниот пристап на владата за поддршка само на мерките што не ѝ штетат на нејзината економија“, се вели во соопштението.
Овој став го потврди министерот за надворешни и европски работи Јурај Бланар на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Министерството, исто така, нагласи дека Словачка нема да учествува како гарант во заемот на ЕУ за Украина во вредност од 90 милијарди евра, но дека нема да го блокира пакетот. На состанокот на Европскиот совет во декември беше договорено финансирањето за Украина за 2026 и 2027 година, но процесот беше забавен откако Унгарија ја блокираше одлуката.
Унгарија и Словачка претходно ја обвинија Украина за суспендирање на снабдувањето со руска нафта преку нафтоводот Дружба, додека Киев соопшти дека транзитот е прекинат поради штетите предизвикани од руските напади. Нафтоводот „Дружба“ е еден од најдолгите и најважните нафтоводи во светот, кој ја поврзува Русија со земјите од Централна и Источна Европа, пренесе „Индекс“.












