четврток, август 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Скопје ќе ги собере финансиските лидери од цела Европа

Скопје ќе ги собере финансиските лидери од цела Европа

0

Скопје во септември ќе биде домаќин на третото издание на меѓународната конференција „Микробалкан 2026“, која, под мотото „Лендинг римаџинд“, ќе ги собере клучните чинители од финансискиот сектор за да разговараат за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и за новите модели на финансирање. На 24 и 25 септември, повеќе од 200 претставници од 15 европски земји ќе дискутираат за промените што веќе ја трансформираат финансиската индустрија, од дигитализацијата и вештачката интелигенција до пристапот до капитал и европските регулативи.
Во фокусот ќе биде и прашањето како да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции, особено во насока на создавање подостапни и поинклузивни финансиски услуги. Особено внимание ќе ѝ биде посветено на улогата на микрофинансирањето во поддршката на претприемништвото, микро, малите и средните претпријатија и локалните економии.
Конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, инвеститорите, компаниите, финтек и ИТ-секторот и експертите од регионот и од Европа. Свое воведно обраќање ќе имаат гувернерот на Народната банка на Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници од финансискиот сектор.
Дводневната програма ќе опфати панел-дискусии, работилници и експертски сесии посветени на дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција, новите технологии и модели на финансирање, пристапот до капитал, како и на регулаторните промени на европско ниво. Во центарот ќе бидат и одговорното дигитално задолжување и потребата од развој на одржливи финансиски решенија.
Организаторите посочуваат дека финансискиот сектор веќе не е во фаза на размислување дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе се приспособи на промените. Токму затоа „Микробалкан 2026“ има амбиција да го позиционира Скопје како место за регионален дијалог за иднината на финансискиот сектор и за создавање нови модели на соработка и партнерство.
Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија и штедилниците, во партнерство со „Вестерн Балкан алијанс“ и „Јуропиен мајкрофајненс нетворк“. На настанот активно ќе учествуваат и небанкарски и микрокредитни институции од земјите на Западен Балкан, со што дополнително се потврдува неговиот регионален карактер.
„Микробалкан 2026“ е наменета за претставниците на финансиските институции, микро и малите бизниси, инвеститорите, развојните финансиски институции, регулаторите, финтек и ИТ-компаниите и сите други чинители заинтересирани за иднината на кредитирањето. Пријавувањето за учество е отворено.

ИЗДВОЕНИ