среда, ноември 4, 2026
Дома КУЛТУРА Скопје блесна во филмски сјај: Црвен тепих и светски имиња на отворањето...

Скопје блесна во филмски сјај: Црвен тепих и светски имиња на отворањето на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА

0
Фото: П. Стојановски

Во Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва се отвори 26. издание на Скопскиот филмски фестивал, кое годинава носи модернизиран концепт, збогатена програма и силно меѓународно присуство, најавија организаторите.

Програмата започна во 19:30 часот со дефилето на црвениот тепих, каде што се појавија голем број филмски автори, актери, гости од странство и истакнати културно-уметнички дејци.

Официјалната церемонија почна во 20:00 часот, а во рамките на отворањето, за првпат беше доделена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија.

Оваа година признанието им припадна на полските автори: режисерката Малгоржата Шумовска и снимателот и режисер Михал Енглерт. По доделувањето на наградата, фестивалот беше отворен со проекцијата на нивниот најнов филм „Идиот(и)“ (The Idiot(s)), во кој главните улоги ги толкуваат Џони Флин и Ејми Лу Вуд.

Членови на меѓународното жири и на Фестивалскиот совет се британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон, британскиот продуцент Стив Абот, регионалниот продуцент Мирослав Могоровиќ, српскиот режисер Павле Вучковиќ, германската филмска селекторка Даниела Вебер, како и македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски.

Помеѓу специјалните гости на церемонијата е и режисерот и продуцент, Драган Бјелогрлиќ.

На фестивалот присуствуваат и авторите: Халкавт Мустафа, режисер на филмот „No Paradise If You Are Killed by a Woman“; Лоренс Фахардо, режисер на филмот „Silenced Nights“; Димитрис Накос, режисер на филмот „Life in a Beat“; Габор Холтаи, режисер на филмот „Feels Like Home“; Сузане Хајнрих, режисер и сценарист и Марчело Бусе, кои го претставуваат филмот „The Miserable Mother“.

ИЗДВОЕНИ