среда, ноември 4, 2026
Дома СВЕТ Нетанјаху остана без поддршката од своите стари сојузници, се отвора патот на...

Нетанјаху остана без поддршката од своите стари сојузници, се отвора патот на Ајзенкот до мандатот

245
EPA/ABIR SULTAN

Арапската партија „Раам“ денеска објави дека ќе го поддржи лидерот на израелската опозиција, Гади Ајзенкот, за премиер на Израел, додека фракцијата „Дегел ХаТора“ од ултраортодоксната партија „Обединет јудаизам на Тората“ (UTJ) изјави дека нема да предложи ниту еден кандидат за премиер, следејќи ги упатствата на своите духовни водачи, рабините Дов Ландау и Моше Хилел Хирш.

Со поддршката од осумте новоизбрани пратеници на партијата „Раам“, вкупниот број пратеници што застануваат зад Ајзенкот достигна 56, додека актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху има поддршка од 53 пратеници, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Преостанатите 11 пратенички места ѝ припаѓаат на арапската коалиција, „Заедничка листа“, која исто така му се противи на Нетанјаху, но можеби ќе се воздржи од поддршка за кој било кандидат за премиер, пренесува порталот.

Бидејќи Ајзенкот има поголема поддршка од Нетанјаху, израелскиот претседател Исак Херцог најверојатно прво нему ќе му го довери мандатот за формирање влада, додава „Тајмс оф Израел“.

Ајзенкот ќе има најмногу 42 дена од моментот кога ќе го добие мандатот за да формира коалиција.

Сепак, поддршката од партијата Раам не значи дека Ајзенкот лесно ќе формира влада.

Пред изборите, тој вети дека Раам нема да биде дел од неговата влада, додека еден од неговите сојузници, лидерот на партијата Израел Бејтену, Авигдор Либерман, вети дека нема да го поддржи формирањето на малцинска влада.

Ниту Ајзенкот, ниту Нетанјаху немаат мнозинство од 61 пратеник во Кнесетот, кој брои вкупно 120 пратенички места.

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска започна консултации со партиите избрани во новиот Кнесет, во врска со тоа кому да му го довери мандатот за составување на следната влада.

ИЗДВОЕНИ