петок, август 21, 2026
Дома КУЛТУРА „Скејтбордингот не е за девојчиња“ пред преполна сала прикажан во Сараево; Европска...

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ пред преполна сала прикажан во Сараево; Европска премиера на филмот на Дина Дума

1

Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума вчеравечер ја имаше својата европска премиера во рамките на натпреварувачката програма за долгометражни играни остварувања на годинашното 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал.

Според медиумите што известуваат од фестивалот, проекцијата се случила во преполната сала на Народниот театар во Сараево, а филмот предизвикал голем интерес кај публиката, особено кај младите.

– Овој филм беше направен со многу грижа и многу љубов. Ги влеавме нашите срца и души во него – рекла режисерката Дума.

Една од главните актерки во филмот, која има босанско-ромско потекло, Симонида Селимовиќ, пак, посочила дека ова не е „филм за Ромите, ами заедно со Ромите“.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на сестрите од ромско семејство Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Судбината на Зара е ставена на коцка кога нејзината мајка, Есма, притисната од тешки финансиски маки, одлучува да ја омажи во богато семејство. Во центарот на случувањата е и нејзината сестра, Адела. Соочена со горчливата реалност дека нејзината постара сестра треба да стане купена невеста, таа го искажува својот бунт преку скејтањето и на тој начин се обидува да побегне од реалноста што ја опкружува. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и за правото на сопствен избор.

Продуцентката Лабина Митевска на прес-конференција во Сараево, пак, истакнала дека една од најважните цели на екипата на филмот е тој да дојде до младите, вклучително и преку проекции во училиштата.

Митевска додала и дека регионалната кинематографија во моментов носи повеќе женски гласови и приказни што долго биле оставани на маргините.

– Жените од Балканот се храбри и не се плашат да зборуваат за табу-темите на нашиот регион. Често ги затвораме очите пред феноменот на „пазарот на невести“, а мора да зборуваме за тоа – посочила Митевска.

Режисерката Дума додала и дека со филмот сакала да ги избегне стереотипите за Ромите, кои често се присутни во регионалната кинематографија. Во развојот на сценариото била вклучена токму актерката со босанско-ромско потекло, Селимовиќ, со која режисерката настојувала приказната да биде раскажана однатре, а не само набљудувана однадвор.

– Ми беше важно таа да го разбере начинот на кој сакам да ја раскажам оваа приказна, но и да го одобри. На крајот, Симонида внесе во сценариото многу нешта од сопственото животно искуство – рекла Дума.

Сценариото го потпишуваат режисерката Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска. Покрај Симонида Селимовиќ, во главните улоги настапуваат и Ефќар Абаз, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Филмот, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е реализиран со финансиска поддршка на македонската Агенција за филм.

Неодамна филмот ја освои наградата „Камингс“ во категоријата „Во духот на слободата“, на 43. Филмски фестивал во Ерусалим, а својата светска премиера ја имаше на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, каде што Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“.

Фото: Сараевски филмски фестивал

ИЗДВОЕНИ