
Скандалот со Анриј Јермак, поранешниот шеф на украинската претседателска канцеларија, кој е во притвор за перење пари, можеби, нема да ја заниша позицијата на својот близок пријател, претседателот Володимир Зеленски, но со сигурност ќе удри по неговиот рејтинг.
Според антикорупциските власти, групата на која ѝ припаѓал Јермак, а која наводно ја водел уште еден близок човек на Зеленски – Тимур Миндич, испрала пари во износ од 460 милиони гривни (околу 9 милиони евра), преку проект за луксузни станови во близина на Киев. Новинарите веќе изразија сомнежи дека една од куќите во комплексот, наречен „Династија“, преку посредник би можела да му припаѓа на Зеленски. Сепак, украинските антикорупциски тела НАБУ и САП ги негираа овие извештаи.
– Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, не беше и не е предмет на истрага од страна на НАБУ и на САП – рече шефот на НАБУ, Семен Кривонос, на прес-конференција на 12 мај, кога почна сослушувањето за случајот.
Според набљудувачите, овој случај сè уште би можел да му наштети на угледот на Зеленски. Украинскиот политиколог Петро Олешчук верува дека оваа постапка ќе има помалку директни последици, но дека, на долг рок, ќе претставува постојан товар за сегашното државно раководство.
– „Миндичгејт“ ќе се појавува одново и одново и нема само да исчезне. Таа афера останува придружен фактор во перцепцијата за работата на претседателот – изјави Олешчук за „Дојче веле“.
Според него, и внатрешнополитичките противници на Зеленски и надворешните актери би можеле да бидат заинтересирани да го задржат вниманието на јавноста на овој случај за корупција. Покрај тоа, Олешчук не ја исклучува можноста дека со помош на оваа информација украинското раководство би можело да биде под притисок да наметне сценарија за завршување на војната, кои би биле неповолни за Украина. И украинскиот политиколог Володимир Фесенко гледа ризици за угледот на Зеленски, но, пред сè, во иднина, иако се можни одредени загуби на процентот на поддршка и сега.
– Додека е претседател на Украина, Зеленски ужива имунитет. Затоа, за разлика од Јермак, против него не може да се спроведе истрага – објаснува Фесенко во интервју за ДВ.
Според неговото мислење, најголемата опасност за Зеленски е кога ќе заврши војната и ќе почне изборната кампања.
– Тогаш целиот компромитирачки материјал поврзан со овој случај и со „Миндичгејт“ воопшто би можел да се искористи против Володимир Зеленски – вели Фесенко.
Самиот Зеленски досега не се огласи по овој повод. Неговиот советник за комуникации, Дмитро Литвин, им рече на новинарите дека сè уште се во тек истрагите и дека затоа е прерано да се даваат какви било процени.











