сабота, август 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СИНОДОТ МУ ОДГОВОРИ НА СРПСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НО ШТО СО НЕПРИЈАТНИТЕ ПОРАКИ ОД...

СИНОДОТ МУ ОДГОВОРИ НА СРПСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НО ШТО СО НЕПРИЈАТНИТЕ ПОРАКИ ОД БЕЛГРАД: Ќе се определат ли македонските владици дали МПЦ-ОА е своја на своето или е на имот што ѝ го дала СПЦ „на користење“?

И по издавањето на томосот за македонска црковна автокефалност, не запираат постојаните и периодичните потсетувања од српска страна дека СПЦ има свој движен и недвижен имот во Македонија, дека манастирите се „српски задужбини“ што се само отстапени на користење на новата автокефална црква...

0

Постои ли, делува ли Српската православна црква во Македонија, иста онаква каква што делува во Србија, во Босна и Херцеговина, во услови кога единствената православна црква е Македонската православна црква-Охридска архиепископија? Ваква дилема се наметнува по реакцијата на македонските владици на неодамнешната изјава на српскиот претседател, Александар Вучиќ, дека Српската црква постои и во Македонија. Односно, што е тоа што го поттикна Вучиќ да каже дека СПЦ е „една и иста“ насекаде, при што ја наведе и територијата на Македонија, на која, формално-правно не постојат делови на Српската црква. Во завчерашниот одговор што го дадоа македонските владици се потенцираше дека МПЦ-ОА е црква што ја остварува својата мисија на својата канонска територија. Односно, дека нејзината пастирска мисија е насочена кон македонскиот народ и кон сите православни христијани и дека се „отфрлаат сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат“. Порака која, очигледно, треба да му укаже на српскиот претседател дека македонската територија на е „една и иста“ за СПЦ, како што се тоа некои други земји во кои делува Српската црква преку свои уредно регистрирани епархии.

Меѓутоа, за жал, ова не се први пораки со кои се тврди од српска страна дека СПЦ, сепак, е присутна во Македонија. Познато е, пред четири години, двете цркви ги надминаа 55- годишните долги недоразбирања откако Српската црква издаде томос за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, а што дотогаш категорично го оспоруваше. Тој документ, меѓутоа, не наиде на прифаќање од страна на Вселенската патријаршија, која го нарече „лажен“, бидејќи е на ставот дека само таа може да го издаде конечниот томос. Но, Српската црква ги темели своите односи со македонските владици и со свештенството токму врз основа на издадениот томос, за кој и дел од македонските митрополити сметаат дека е доволен и конечен за признавање како автокефална црква.

А увидот во издадениот томос покажува дека СПЦ, сепак, има свое присуство во Македонија, односно дека нејзиниот однос кон МПЦ-ОА, сепак, не е однос меѓу две целосно суверени, независни и самостојни цркви. Така, во една од одредбите на издадениот томос сосема недвосмислено се наведува дека територијата на која делува Македонската црква ѝ припаѓа на СПЦ и дека е отстапена таа „на користење“.

– Светите храмови и манастири, особено светилиштата од времето на Немањиќи и подоцнежниот период на српското присуство, црковното градење и културното творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ, во нејзините граници, ѝ се даваат на користење на новата автокефална сестринска црква – се наведува во актот.

Врзано со ова, во периодот кога српскиот патријарх, Порфириј, и македонскиот архиепископ, г. г. Стефан, го објавија документот, македонските владици објаснуваа дека тие не можеле да влијаат на она што ќе го наведе српската страна во томосот. Но, дека реалноста во Македонија е таква што имотите на МПЦ-ОА се во нејзина правна сопственост, за што постојат уредни катастарски документи. Сепак, ова не ги попречи изјавите од српска страна со кои, одвреме-навреме, постојано се потсетува дека имотот во Македонија е на Српската православна црква.

– Со решението, овие српски светилишта, како и друг српски недвижен и движен црковно-културен имот, oстануваат во составот на Српската православна црква. Тие се само предадени на користење – изјави во тој период влијателниот српски историчар, Александар Раковиќ, кој е мошне близок до српските црковни структури.

Паралелно со ова, на српската државна телевизија РТС досега се емитувани повеќе документарни емисии во кои најголем дел од манастирите на МПЦ-ОА се прикажуваат како српско духовно наследство. Такви, на пример, беа документарните филмови за Лесновскиот манастир и за црквата „Свети Ѓорги“ во Старо Нагоричане, кои се придружени со нарацијата за вековно српско присуство на овие простори, за стара Србија, за ктиторите што ги граделе овие манастири. Истовремено, се потсетува дека овие „српски задужбини“ се оставени на заборав.

Практично, потсетувањата дека постои „една и иста“ СПЦ и во Македонија се периодични, но и постојани. Односно, дека е присутна таа преку својот имот, кој ѝ е само отстапен на користење на Црквата која сè уште не го заокружила процесот на својата автокефалност и околу кој има голема неизвесност. Сето тоа води кон потребата македонските владици многу појасно и покатегорично отколку досега да се определат во однос на тој дел од томосот што го добиле од црковен Белград. Од причина што една целосно автокефална црква е своја на своето, со свои верници и со своја дијацеза во своја сопственост. (Б. Ѓ.)

 

 

ИЗДВОЕНИ