Италијанскиот тенисер Јаник Синер го победи Јиржи Лехечка со 2-0 во сетови (6:4, 6:4) и го освои Мастерсот во Мајами. Тој минатата година ги пропушти Индијан Велс и Мајами Мастерсот поради скандал со допинг, но оваа сезона се врати во САД и освои титули на двата турнира.

Со овој триумф тој стана само осмиот тенисер во историјата кој освоил трофеи во Индијан Велс и Мајами во иста сезона. Пред него, Џим Куриер, Мајкл Ченг, Пит Сампрас, Марсел Риос, Андре Агаси, Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ успеаја да го направат тоа. Српскиот тенисер го држи рекордот, откако го направил тоа четири пати – во 2011, 2014, 2015 и 2016 година.

Но, Синер е првиот тенисер во историјата кој го завршил „Саншајн Дабл“ без да изгуби сет.

  • Многу ми значи. Тоа е нешто што никогаш не би го очекувал, бидејќи е далеку, дури и кога ќе го освоите Индијан Велс и ќе дојдете тука во Мајами – условите се различни. Физички се чувствував навистина добро, и тоа дефинитивно е нешто на што многу работевме. И мојот сервис помогна бидејќи добивав неколку лесни поени, што го олеснува физичкиот дел. Многу сум задоволен од нивото на игра што го покажав, рече Синер по победата.

Синер ја освои својата седма титула на Мастерсот, а 26-та во неговата кариера.

  • Финалето е, секако, сосема поинакво. Условите беа тешки, топките беа побавни, различни, па двајцата имавме проблеми со удирањето низ топката, но сум многу задоволен од целокупниот настап. Уште во првиот сервис гем почувствував дека топките се многу тешки, па се обидов да ја фрлам топката малку подалеку напред за да добијам поголемо забрзување во шутот. Поризично е, бидејќи почесто завршува во мрежата, но сакав да ризикувам, бидејќи од основната линија на почетокот не се чувствував добро, иако направив пробив. Тој момент беше клучен – да го задржам сервисот за 3:1 наместо 2:2, да добијам малку простор за дишење и да го фатам ритамот на сервисот, објасни Италијанецот.

Синер ја започна сезоната со пораз во полуфиналето на Австралија Опен од Новак Ѓоковиќ, додека во Доха загуби од Јакуб Меншик.

  • Јас сум некој што не лета кога победува, но не се уништува ниту кога губам. Тоа не би било фер кон мене. Се обидувам да бидам искрен со себе и да разберам дека полуфиналето на Гренд слем е одличен резултат. Можеш да изгубиш од Новак, најдобриот играч во историјата. Доха беше поинаква затоа што не е најголемиот турнир, таму се обидував да го сфатам вистинскиот начин на игра. Во последните пет недели имав само еден слободен ден пред Индијан Велс, и еден тука поради дождот. Многу работа, многу часови, но резултатот и начинот на кој играм ме прават среќен, рече Синер.

Доколку го освои Мастерсот во Монте Карло, Синер ќе се врати на врвот на АТП ранг-листата.

  • Ќе земам неколку дена одмор, а потоа ќе излезам на теренот во четврток – полека, за да си ја вратам подвижноста, бидејќи телото ќе ме боли малку од различното движење на земја. Обично се стремам да играм во вторник, бидејќи ако победиш, имаш слободен ден, што помага на нова подлога. Но, ќе видам како ќе се чувствувам – моето тело е најважното нешто и сакам да го зачувам, заклучи Синер.

ИЗДВОЕНИ