Постариот брат на новиот шампион на Отвореното првенство на САД, Александар Зверев, Миша, во интервју за „Спорт 1“, се осврна на коментарите дека неговиот брат ги освоил трофеите во Њујорк и три месеци претходно на Ролан Гарос затоа што немало двајца од најдобрите. Јаник Синер го пропушти американскиот гренд слем, а Карлос Алкарас го пропушти францускиот.
Дополнително, Италијанецот беше елиминиран многу рано во Париз, по физички колапс, а Шпанецот не беше во целосна форма на Флашинг Медоус затоа што тоа му беше прв турнир од средината на април.
Со други зборови, ниту еден од овие двајца не беше на своето максимално ниво.
– А зошто не беа таму? Затоа што беа повредени. А зошто се повредуваш себеси? Затоа што или не си доволно силен во некој сегмент или претеруваш со играта. Затоа што не закрепнуваш кога треба – вели Миша.
Тој го спореди својот брат со двајца ривали:
– Тој е постар од двајцата, но секогаш е подготвен. Тие се помлади, но тоа не значи дека помладата машина работи подобро. Тој е на турнири многу години – потсетува Миша дека Саша го прославил својот 29. роденден, дека е четири години постар од Синер и шест години постар од Алкарас.
Постариот Зверев потсетува на сериозната повреда на својот брат на Ролан Гарос во 2022 година. Потоа, на средина од натпреварот, го истегна зглобот, ги скина лигаментите и направи долга пауза. Оваа повреда е различна од оние што ги мачат Синер и Алкарас, бидејќи не е резултат на премногу играње, туку се има случено во моментот.
– Имаше луѓе што велеа дека никогаш нема да игра како порано, но тој го докажа спротивното.
Се осврна и на критиките дека неговиот брат предолго ја допира топката пред да сервира.
– Мислам дека воопшто не го интересира тоа. Тоа е како да освоиш гренд слем, а некој да се жали на бојата на твоите чорапи. Некој секогаш ќе има некои забелешки. Рафаел Надал беше критикуван за своите ритуали, Марија Шарапова за стенкањето… Кога победува некој, секогаш има такви што велат дека не им се допаѓа нешто – вели Миша.












