Од 15 октомври започнува „НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“ – хумористично шоу кое ќе го донесе секојдневието на сцената, без цензура, без задршка и со многу смеење.

Македонија има дијагноза, а терапијата започнува овој четврток! На 15 октомври, од Кавадарци, стартува големата македонска стендап-турнеја „НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“, која ќе ги обедини Син на мајка и 1Човек, заедно со специјалниот гостин Модернизам и Ренесанса, во едно од најнеобичните хумористични шоуа оваа есен.

Двајца комичари, два различни погледи на светот и еден заеднички заклучок – материјал за смеење во Македонија никогаш не недостасува.

Со нов материјал, препознатлив хумор, иронија, сатира и без влакна на јазикот, Син на мајка и 1Човек ќе ја претворат сцената во простор каде што секојдневните апсурди, меѓучовечките односи, општествените појави и ситуациите во кои сите се препознаваме ќе добијат сосема поинаква перспектива.

„НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“ не е класична стендап-претстава. Тоа е хумористична дијагноза на времето во кое живееме, раскажана преку директна комуникација со публиката, остри забелешки и комични ситуации кои потсетуваат дека понекогаш најдобриот начин да се соочиме со реалноста е добро да ѝ се насмееме.

Посебен печат на вечерите ќе им даде Модернизам и Ренесанса, кој како специјален гостин ќе внесе дополнителна доза хумор и своја препознатлива енергија.

Десет градови, десет вечери и една заедничка дијагноза

Турнејата започнува на 15 октомври во Кавадарци, а продолжува на 16 октомври во Прилеп, 17 октомври во Битола и 18 октомври во Гевгелија. Следуваат настапите на 24 октомври во Охрид, 29 октомври во Куманово, 30 октомври во Велес, 31 октомври во Струмица и 1 ноември во Тетово, додека големото финале е закажано за 7 ноември во Скопје, во салата „Градски парк“. Сите настапи започнуваат во 20:00 часот.

Публиката ја очекуваат вечери исполнети со смеа, препознатливи ситуации и хумор кој не се обидува да ја разубави реалноста, туку да ја прикаже токму онаква каква што е – понекогаш апсурдна, понекогаш неверојатна, но речиси секогаш доволно инспиративна за добра комедија.

ИЗДВОЕНИ