Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера во Прилеп, го прогласи за отворено 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Јубилејниот фестивал започна со изложба „60 години Војдан Чернодрински – Прилеп“ во рамките на којашто на повеќе локации се поставени артефакти од неговата долгогодишна традиција. На свеченоста беа доделени награди за животно дело: на режисерот Сашо Миленковски, на театарскиот деец Љубомир Чадиковски, на актерот и пeдагог Атила Клинче и на Веби Ќерими актер, режисер и педагог.
Годинашното издание на „Војдан Чернодрински“, се одржува под покровителство на претседателката, на која во рамките на свеченото отворање ѝ беше врачена благодарница.
Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, коишто продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата.
Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси.
Во овој дом, свет дом, се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик. Тука, меѓу овие ѕидови е отелотворен уметничкиот дух, меморирана е актерската реч, вграден е вашиот говор на телото.
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат.
Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може.
Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор, Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.
Јас сум почестена, исто колку и лауреатите. Чест ми е да го прогласам за отворено, јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечен да е.












