Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ. Тој е огледало на генерации Македонци низ вековите, преку него се изразува народниот дух, а со неговото опстојување се потврдува нашето постоење. Тој е прекрасниот инструмент за изразување љубов и идеи, создавање уметнички и научни творби, вредни дела и вечни вредности, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во пораката по повод Денот на македонскиот стандарден јазик, 5 Мај.
„Денеска, на 5 мај, Денот на македонскиот стандарден јазик, упатувам искрена честитка до сите Македонци, чиј мајчин јазик е, каде и да се, до сите негови говорители, проучувачи и љубители.
Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ. Тој е огледало на генерации Македонци низ вековите, преку него се изразува народниот дух, а со неговото опстојување се потврдува нашето постоење. Тој е прекрасниот инструмент за изразување љубов и идеи, создавање уметнички и научни творби, вредни дела и вечни вредности.
Од делото на светите браќа Кирил и Методиј, преку визионерската мисла на Крсте Петков Мисирков, до кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945 година, соочени со оспорувања и пропаганди, се остварија вековните македонски стремежи за своја држава и јазик. Овој процес беше научно зацврстен со исклучителниот придонес на Блаже Конески, а дополнително зацврстен со објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески во 1946 година, чиј осумдесетгодишен јубилеј го одбележуваме годинава“.
Таа во својата порака нагласи дека македонскиот јазик не е само сведоштво за минатото, туку и суштински креатор на современиот општествен развој. Затоа, неговата правилна и достоинствена употреба, како и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, претставуваат темел на функционалната демократска држава.
Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е јасна: да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик. Нека е вековита неговата мисија! Да го чуваме и браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои!, порача претседателката.












