Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, призна дека разговарал со руски претставници додека министрите на Европската унија (ЕУ) разгледувале нови економски санкции против Москва, објави „Политико“.
„Одлична работа! Тие докажаа дека јавно го кажувам истото што го кажувам и по телефон“, рече Сијарто, додавајќи дека веќе некое време бил свесен дека странските разузнавачки служби ги прислушкуваат неговите телефонски повици.
Тој истакна дека четири години Унгарија вели дека политиката на санкции не функционира и дека ѝ нанесува поголема штета на ЕУ отколку на Русија. Додаде дека Унгарија никогаш нема да се согласи на санкции против поединци, компании кои се важни за енергетската безбедност или постигнувањето мир.
„Политико“, повикувајќи се на документи објавени од два унгарски медиуми, објави дека Будимпешта инсистирала на укинување на санкциите врз руските бизнисмени и се спротивставила на рестриктивните мерки што би ги погодиле руските танкери за нафта.
Во статијата се вклучени и транскрипти од разговори меѓу Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и рускиот заменик-министер за енергетика Павел Сорокин.
Сијарто, кој е министер за надворешни работи од 2014 година, ги негира обвинувањата и нагласи дека бил прислушкуван. Тој објасни дека има редовни контакти со неколку министри за надворешни работи на земји кои не се членки на ЕУ „за прашања поврзани со санкциите“.
Портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, за Политико изјави дека контактите на Сијарто со Лавров биле стандардна дипломатска пракса и дека унгарскиот министер не споделил чувствителни информации.
„Тој не зборува за тие елементи, тие зборуваат за јавни политики што се во рамките на ЕУ“, рече Ковач, нагласувајќи дека Сијарто, без разлика дали им се допаѓа на лидерите на ЕУ или не, се обидува да биде посредник меѓу Европа и Русија и да објасни зошто се донесени одредени одлуки.
Ковач повтори дека информациите дека Унгарија споделила доверливи информации со Русија се неосновани.
Сијарто на 24 март призна дека разговарал со Русија, Израел, Србија, Турција и други партнери пред и по состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ, опишувајќи го тоа како вообичаена дипломатска практика.
Порталот „Политико“ со седиште во Брисел минатата недела објави дека ЕУ го ограничила протокот на чувствителни информации со Унгарија, додавајќи дека лидерите се состануваат во помали групи на маргините на самитот за да разговараат за вакви прашања.












