понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Шведска шанса или „шведска маса“ – Македонија бара пробив со Бугарија, идентитетот...

Шведска шанса или „шведска маса“ – Македонија бара пробив со Бугарија, идентитетот не е на менито

971

 

Македонија го отвора новиот дипломатски обид за приближување со Бугарија преку иницијативата на министерот Тимчо Муцунски за средба во рамки на состанокот на НАТО во Шведска. Дијалогот, според него, е неопходен и покрај постојните несогласувања. Паралелно, во земјава се интензивираат политичките препукувања. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека уставните измени се европски услов, а не билатерален диктат, и дека нивното спроведување не го загрозува, туку го зајакнува македонскиот идентитет преку јасна дистинкција меѓу народите. Муцунски возврати дека не може да се изначуди е колку се совпаѓаат ставовите на Софија и на главната опозициска партија 

 

МУЦУНСКИ АПЕЛИРА ЗА КОНСТУКТИВНОСТ ОД ОПОЗИЦИЈАТА ЗА КЛУЧНИТЕ РЕФОРМСКИ ЗАКОНИ 

Македонија го прави првиот чекор кон нов обид за приближување со Бугарија, откако министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави иницијатива за билатерална средба со својата бугарска колешка на претстојниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО во Шведска, земјата која по два века неутралност, пред две години официјално стана 32. членка на НАТО. Муцунски порача дека дијалогот со Софија е неопходен, особено во услови на актуелни тензии и несогласувања. Муцунски истакна дека и покрај последните настани и, како што рече, непријатната епизода од изминатиот период, ставот на Македонија останува јасно артикулиран – дијалог мора да има, но без отстапување од националните позиции. Во тој контекст, тој упати и повик до опозицијата за поголема зрелост и конструктивност, оценувајќи дека европската интеграција бара широк политички консензус и одговорен пристап.

– Потребен ни е дијалог со Бугарија, и во тој контекст, јас побарав билатерална средба со мојата колешка од Бугарија на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО-алијансата, што ќе се одржи во Шведска за околу десетина дена. И покрај сѐ тоа што се случи во последните денови, мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна за онаа несекојдневна и навистина непријатна епизода од пред некој ден, изјави Муцунски.

Министерот вели дека дијалогот со Софија ни е потребен, бидејќи станува збор за сосед со кој, покрај блокадата на европската иднина, имаме и други предизвици, но и други проекти што ни се значајни во билатералните односи. Тој рече дека на средбата со бугарската колешка, меѓу другото, една од темите би била и темата „за овие неевропски услови кои што ни се наметнуваат на нашата држава“.

Додаде дека засега нема одговор од бугарска страна, но изрази оптимизам дека ќе добиеме позитивен одговор.

– Ние мораме да имаме дијалог, колку и да не се согласуваме, колку и некогаш да имаме дијаметрално спротивставени ставови по различни теми. Прво како луѓе, а второ како претставници на држави кои делат граници, кои имаат клучни проекти меѓу себе. Ние мораме да имаме дијалог. Дијалогот не треба да значи и попустливост по секоја тема. Има, тоа се две сосема различни работи. Но дијалог мораме да имаме, заклучи Муцунски.

Политичка зрелост и поддршка за ЕУ-реформите

На новинарско прашање за ставот на опозицијата дека прашањето за Бугарија е европски, а не билатерален проблем, Муцунски рече дека се чуди оти ставовите на Софија и на главната опозициска партија се совпаѓаат.

– Прво на кое не можам да се изначудам е колку се совпаѓаат ставовите на Софија и на главната опозициска партија, но на крајот на краиштата, нека судат граѓаните. Моја улога како министер за надворешни работи и улогата на Владата е секогаш да стои на линија на заштита на тоа што е наш национален интерес и приоритет на државата, што значи да не молчиме кога има обиди за понижување на државата, туку да си стоиме цврсто на тие позициите што ни се значајни, но исто така и да преземаме чекори да го правиме сето тоа што е потребно да ја движиме државата напред кон европскиот пат, истакна македонскиот министер.

Тој повика на политичка зрелост и поддршка за реформите што се директно поврзани со европската агенда. Муцунски порача дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на државата и еден од клучните столбови на македонската надворешна политика, нагласувајќи дека европската интеграција бара сериозност, одговорност и национален консензус околу најважните државни прашања.

– Ова не е процес на една влада или една партија, туку прашање што ја определува иднината на државата и бара сериозност и заедничка поддршка, порача Муцунски, нагласувајќи дека напредокот кон Европската Унија зависи од стабилен внатрешен политички дијалог и институционална посветеност.

– Затоа денес сакам јасно да упатам повик до опозицијата – да ја тргнеме дневната политика настрана кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите што се клучни за државата, особено за реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планот за пораст – пред сè, Изборниот законик и правосудните закони. Не декларативна поддршка за Европа на прес-конференции, туку конкретна поддршка таму каде што навистина се носат одлуките – во институциите и во Собранието, додаде министерот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, одговарајќи на новинарски прашања во врска со вербалната нота врачена до амбасадорот на Бугарија во земјава поради изјавата на новата шефица на бугарската дипломатија, Весислава Петрова Чамова, која го употреби терминот „северномакедонски“, упати јасна порака дека употребата на придавката „македонски“ не може да се забрани. Таа нагласи дека нејзиниот став кон договорот од Преспа не е променет и посочи дека потписниците на документот треба први да инсистираат на негово доследно почитување во меѓународните односи.

– Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но употребата на придавката „македонски“ во однос на идентитетот и народот не може да се забрани. Впрочем тоа е и дел од самиот договор. Е сега, тие што го поддржале и што го потпишале договорот, први треба да укажуваат на неговото почитување, изјави Сиљановска-Давкова.

Европски услов, а не билатерален диктат

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, упати серија остри критики кон власта, тврдејќи дека во јавноста се пласирале погрешни наративи за Преспанскиот договор и процесот со ЕУ. Тој истакна дека земјава не преговара со Бугарија, туку со Европската Унија, нагласувајќи дека уставните измени се европски услов, а не билатерален диктат, и дека нивното спроведување не го загрозува, туку го зајакнува македонскиот идентитет преку јасна дистинкција меѓу народите.

Филипче оцени и дека политичките ставови на владејачките структури претходно биле во спротивност со нивните сегашни позиции, особено во однос на НАТО и Преспанскиот договор, обвинувајќи за долгорочна политичка манипулација и поделби во општеството. Во таа насока, тој порача дека уставните измени не претставуваат закана, туку дипломатски и европски чекор напред, кој треба да придонесе за зацврстување на државната позиција и забрзување на европскиот пат.

– Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија. Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, повторувам на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО таа сака да го прикаже, не е предавство. Никако не е ризик по нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно дека бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави со ова паѓа во вода. Од тој момент, кога ќе бидат внесени Бугарите како малцинство во државата, тогаш се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ. Со уставните измени го зајакнуваме, не го слабееме, никако не го ризикуваме нашиот национален идентитет. И тоа е успех на нашата дипломатија, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со поддршка на Европа, нагласи лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Непосредно по стапувањето на функцијата, новата бугарска министерка за надворешни работи ги заостри односите меѓу Скопје и Софија, по употребата на терминот „северномакедонски“ во официјална комуникација, што во македонската јавност беше оценето како неприфатливо. Поради тоа, македонското Министерство за надворешни работи упати демарш до бугарскиот амбасадор во земјава, со кој беше изразен протест за употребата на овој термин што се смета за навредлив и спротивен на договорените рамки. Настанот дополнително ги засили дипломатските тензии во момент кога двете земји повторно се обидуваат да воспостават дијалог и политичка комуникација. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ