Во Музејот на Град Скопје, како дел од програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, во саботата вечерта се одржа проекција на краткиот документарен филм „Шуплевски – ехо низ времето“. Автор на филмот е Викица Костоска-Пенева, музиколог и професор по пијано.

„Шуплевски – ехо низ времето“ претставува приказ на едно од најзначајните музички семејства во македонската културна историја. Низ архивски материјали, сведоштва и музички записи, филмот ја следи повеќегенерациската приказна на семејството Шуплевски, чие дејствување оставило длабок белег врз развојот на современата македонска музика.

Потекнувајќи од старото скопско маало Чаир, семејството Шуплевски повеќе од еден век е активно присутно во музичкиот живот преку диригирање, хорско пеење, инструментална изведба, музичка педагогија, компонирање и концертна дејност. Од Трајко Шуплев, преку Драган, Гане и Богданка Шуплевски, па сè до денешните генерации музичари, нивната уметност претставува жив континуитет на музичката традиција и на современиот македонски музички израз.

Приказната на Шуплевци ја почнал Трајко Шуплев уште во 20 години на минатиот век, кога го преточил својот талент за музика во животна определба, како хорски и оркестарски диригент и музички педагог. Својата желба и вродениот дар ги пренел на своите три деца: Драган – еден од најистакнатите хорски диригенти и основоположник на школата за хорско диригирање, Гане – извонреден виолинист, долгогодишен член на најважните оркестри кај нас: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Оркестарот на Македонската радио и телевизија и Богданка – професорка по пијано, која е еден од основоположниците на современата македонска школа за пијано во музичките училишта во Скопје. Овие уметници, доајени во современата македонска музика, низ синергијата на силни семејни релации исполнети со заедничко музицирање и поддршка во заемниот уметнички напредок, ги наследуваат третата и четвртата генерација музичари од семејството Шуплевски: Сања и Весна – виолинистки со завидна интернационална кариера како солистки, камерни и оркестарски уметници, Ирена – професор по пијано и хористка во хорот на Македонската радио и телевизија и хорот „Мирче Ацев“, Јана – виолончелистка и најмладиот наследник на семејната традиција Илија Јовчев – виолинист.

Филмот претставува омаж на семејството што низ четири генерации ја обликува културната сцена на Скопје и на Македонија, оставајќи трајно наследство во музичкото образование, оркестарската и камерната музика, како и во развојот на институциите и на концертниот живот. „Шуплевски – ехо низ времето“ е сведоштво за силата на семејната традиција, посветеноста кон музиката и културното наследство што продолжува да живее и денес.

– Секоја генерација од семејството Шуплевски дава своја уметничка автентичност кон која, низ годините, публиката природно гравитира, влијае врз уметничкиот вкус и ја обликува нашата културна историја. Наследството на Шуплевски е живо сведоштво за тоа како може едно семејство да стане симбол на истрајноста во уметноста и инспирација за новите генерации – вели авторката на филмот, Викица Костоска-Пенева.

ИЗДВОЕНИ