недела, јули 5, 2026
Дома СКОПСКА Радишани ќе добие нов затворен базен

Радишани ќе добие нов затворен базен

Објектот ќе се простира на површина од 621 квадратни метри, со четири летни за пливање и ќе има посебни простории за соблекувални и тушеви. Базенското корито ќе биде со правоаголна форма. Базенот ќе ги задоволува сите потреби за тренинг и за натпревари според прописите на светската пливачка федерација, ФИНА. – Со оваа инвестиција, која е во вредност од 77.000.000 денари, овозможуваме не само услови за развој на спортските таленти туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на Општината – изјави градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски

11

Во основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани почната изградбата на затворен базен. На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

Градоначалникот Костовски истакна дека овој базен, чија изградба ќе биде завршена за 18 месеци, ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди и ќе им служи, пред сѐ, на учениците, спортистите, но и на сите граѓани.

– Објектот ќе се простира на површина од 621 квадратни метри, со четири летни за пливање и ќе има посебни простории за соблекувални и тушеви. Базенското корито ќе биде со правоаголна форма. Базенот ќе ги задоволува сите потреби за тренинг и за натпревари според прописите на светската пливачка федерација, ФИНА – нагласи Костовски.

Тој наведе дека пливањето, како спорт, има огромно значење за здравјето и за развојот на младите генерации.

– Со оваа инвестиција, која е во вредност од 77.000.000 денари, овозможуваме не само услови за развој на спортските таленти туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на Општината – изјави Костовски.

Премиерот Мицкоски додаде дека со доградбата на училиштето „Ацо Шопов“ ќе се подобрат условите за учениците и ќе се зголеми квалитетот на живот на жителите од овој дел на Радишани.

– Со овие проекти, полека, но сигурно обезбедуваме подобри услови за живот на граѓаните во сите општини низ државата. Тоа значи дека проектот ја постигнал својата цел – оцени Мицкоски.

Тој потенцираше дека Владата продолжува со реализацијата на започнатите проекти, додека за оние што досега не биле започнати, се поставува камен-темелник и се воведуваат во работа.

Мицкоски најави дека веќе се размислува за продолжување на оваа иницијатива и во 2027 година, оценувајќи дека досегашниот модел се покажал како успешен.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ