Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести ширум земјата на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи во која загинаа 57 лица.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор. ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото, за да нема прикривање и за одговорните да бидат казнети“, пренесува Ројтерс.
Истрагата за несреќата се уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста, одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност, пренесува Танјуг.
Владата во Атина тврди дека судството треба да ја истражи несреќата, а Мицотакис вели дека објавите на социјалните мрежи имаат за цел да предизвикаат политичка нестабилност во земјата.
Во анкетата спроведена претходно оваа недела, 82 отсто од Грците рекле дека железничката несреќа е „едно од најважните“ или „најважните“ прашања во земјата, а 66 отсто рекле дека се незадоволни од истрагата за несреќата.
Опозициските партии ја обвинија владата дека прикрива докази и ја повикаа да поднесе оставка. Во февруари 2023 година, два воза се судрија во долината Темпи, при што загинаа 57 луѓе, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 од оние луѓе кои ја преживеале несреќата подоцна починале од задушување или изгореници. Голем дел од патниците биле студенти, а на аудио снимките, кои всушност се снимени повици од еден од нив на европскиот број за итни случаи 112, се слуша како повикуваат помош или се борат за здив.