Предраг Вулетиќ, покраински секретар за социјална политика, демографија и родова еднаквост, и Д. М., претседателка на комисија во рамките на овој секретаријат, се уапсени денеска, под сомнение за злоупотреба на службената положба, со што предизвикале загуба од речиси 131 милион динари за буџетот на Војводина, пренесуваат српските медиуми.
Нивното апсење доаѓа во време кога во Србија речиси секојдневно се појавуваат вести за приведување владини функционери и други јавни службеници.
Според обвинителството, средствата наменети за станбена помош за семејства со три или четири деца биле доделени и на поединци кои не ги исполнувале основните критериуми за подобност утврдени во јавниот повик.
Се наведува дека Вулетиќ – во својство на јавен функционер (покраински секретар за социјална политика, демографија и родова еднаквост) – и осомничената Д. М. – во својство на јавен функционер (претседателка на комисијата на покраинскиот секретаријат за доделување помош на семејства со трето или четврто дете, наменета за решавање на станбени прашања или подобрување на условите за живот во Автономната Покраина Војводина за годините 2021, 2022, 2023 и 2024) – ги злоупотребиле своите службени положби и овластувања за да овозможат противправна финансиска корист за други лица, во износ од 130.900.000 динари. Лицата на кои им биле доделени средства во вкупен износ од 130.900.000,00 динари не го исполнувале ниту основниот услов предвиден во јавниот повик за доделување помош – а тоа е раѓање на трето и/или четврто дете, пренесува Танјуг.
Истовремено, осомничените П. В. и Д. М. предизвикале штета на буџетот на Автономната Покраина Војводина во износ од 130.900.000 динари.












