вторник, октомври 6, 2026
Дома МАГАЗИН Што е пневмонична чума: Сè за смртоносната болест што ја вознемири светската...

Што е пневмонична чума: Сè за смртоносната болест што ја вознемири светската јавност!

1

Истражувачка во лабораторија на рускиот Институт за проучување на чума и опасни патогени неодамна почина од воспаление на белите дробови од „непознато“ потекло. Иако руската агенција „Роспотребнадзор“ го минимизираше значењето на можната поврзаност меѓу смртта на истражувачката и нејзината работа, случајот покрена прашања за видот на чума што предизвикува воспаление на белите дробови, која се смета за најопасна форма на таа инфекција.

Пневмоничната чума е ретка, смртоносна белодробна инфекција предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Постојат и други форми на чума предизвикани од Y. pestis, кои напаѓаат различни делови од телото.

Најчеста форма е бубонската чума, која обично се развива по каснување од болва или кога бактеријата ќе влезе во организмот преку исеченица или оштетување на кожата. Инфекцијата предизвикува отечени и болни лимфни јазли и може да доведе до труење на крвта, кога се нарекува септикемична чума.

Крајната последица може да биде откажување на органите. Може да настане и директно по каснување од заразена болва.

Фарингеалната чума го напаѓа грлото по консумирање заразено месо.

Како се пренесува пневмоничната чума?

Пневмоничната чума е единствената форма на оваа бактериска инфекција што може директно да се пренесува од човек на човек. Се пренесува преку респираторни капки што се ослободуваат при кашлање или кивање на заразено лице. Заразата можат да ја пренесат и капки што потекнуваат од заразени животни.

Последниот документиран случај на пренос на пневмонична чума од човек на човек во Соединетите Американски Држави е забележан во 1924 година, за време на епидемијата во Лос Анџелес.

Кои се симптомите на пневмоничната чума?

Кај пневмоничната чума, инфективните честички доаѓаат до белите дробови и можат да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови што го отежнува дишењето. Симптомите можат да се појават веќе во рок од 24 часа од инфекцијата.

Меѓу останатите симптоми се покачена температура, треска, главоболка, болки во телото, вртоглавица, слабост, исцрпеност, гадење, повраќање и дијареја. Без лекување, болеста е речиси секогаш смртоносна.

Како се лекува пневмоничната чума?

Лекарите можат да ја лекуваат чумата со антибиотици во период од најмалку 10 до 14 дена. Најчесто се користат ципрофлоксацин, левофлоксацин, моксифлоксацин, гентамицин и стрептомицин. Пациентите кои ќе добијат антибиотици во првите 24 часа од инфекцијата имаат најголеми шанси за преживување.

Покрај тоа, лекарите обезбедуваат поддржувачка терапија, вклучувајќи дополнителен кислород, течности и мирување.

Дали постои вакцина против чума?

Иако вакцините против чума се користат уште од 19 век, не е сосема јасно дали обезбедуваат заштита од пневмонична чума.

СЗО не препорачува вакцинација, освен за високоризични групи, како што е лабораторискиот персонал кој е постојано изложен на ризик од контаминација.

Зошто чумата сè уште се појавува?

Иако повеќето луѓе ја сметаат чумата за искоренета болест, експертите предупредуваат дека таа постои и денес.

Позната како „Црна смрт“ во 14 век, оваа инфекција усмртила повеќе од 50 милиони луѓе во Европа. Иако антибиотиците овозможија поуспешно лекување, болеста сè уште е присутна на сите континенти освен Океанија.

Според податоците на СЗО, од деведесеттите години на минатиот век повеќето случаи на чума кај луѓето се регистрирани во Африка.

Си-Ен-Ен пишува дека последниот смртен случај од пневмонична чума во САД е забележан во Аризона во јули 2025 година. Младиот човек работел со болни мачки и се верува дека се заразил од нив. Никој друг што бил изложен на мачките не пријавил симптоми на болеста.

Колку треба да бидат загрижени луѓето ширум светот?

Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот соопшти дека е во контакт со руските здравствени власти за да утврди што се случило, какви тестирања се спроведуваат и дали постојат потенцијални меѓународни последици по јавното здравје.

Портпарол на СЗО изјави дека, врз основа на неофицијалните информации што се моментално достапни, ризикот по јавното здравје за општата популација се чини низок, додавајќи дека проценката на ризикот ќе биде ажурирана кога ќе бидат достапни повеќе податоци.

Според зборовите на д-р Рутул Далал, специјалист за заразни болести од Медицинскиот центар Сент Џозеф во рамките на здравствениот систем Пен Стејт, лицата заболени од пневмонична чума многу брзо развиваат тешки симптоми, што може да го забави понатамошното ширење на болеста.

„Многу е тешко лицето дури и да оди или да ги извршува секојдневните активности, а камоли да патува“, рече Далал. Симптомите можат да се појават веќе 24 часа по изложеноста на инфекцијата.

За лицата кои доаѓаат во контакт со заболени од чума, СЗО препорачува избегнување непосреден контакт со заразените и посебен претпазливост при контакт со нивните телесни течности.

Здравствените работници кои се грижат за пациенти заболени од пневмонична чума мора да носат стандардна заштитна опрема, а можат превентивно да земаат и антибиотици.

Во случај на изложеност на зараза, здравствените служби ги следат членовите на семејството и другите блиски контакти на заразеното лице и им даваат антибиотици пред кај нив да се развие болеста. Исто така, се препорачува редовно миење на рацете со сапун и вода.

ИЗДВОЕНИ