Поранешниот романски претседателски кандидат Калин Џорџеску е уапсен по налог на обвинители од Дирекцијата за истражување на организиран криминал и тероризам (DIICOT). Во исто време, истражителите извршуваат претрес во неговиот дом во Могошоаја, пренесува Digi24.

Истрагата се води под сомнение за формирање организирана криминална група и измама со особено тешки последици, при што наводната финансиска штета надминува 1,1 милион евра.

Според судски извори, Џорџеску бил запрен додека возел, а потоа бил однесен во својот дом за да присуствува на претресот. Во понеделникот обвинители на DIICOT и службеници на романската полиција извршиле вкупно пет претреси во Букурешт и во Могошоаја, Чолпани и Буфтеа.

Според обвинителството, наводната криминална група била формирана во септември 2021 година и ја сочинувале три лица – двајца романски државјани на возраст од 64 и 47 години и еден италијански државјанин на 56 години.

Истрагата опфаќа случај во кој едно лице наводно било убедено дека може да добие банкарско финансирање од шест милиони евра, доколку обезбеди гаранција. Како резултат на тоа, жртвата префрлила повеќе од еден милион евра. Подоцна, според обвинителите, ѝ било кажано дека финансирањето може да достигне 15 милиони евра доколку обезбеди дополнителна гаранција, по што биле префрлени уште 100.000 евра.

Случајот бил покренат по пријава од бизнисмен, а DIICOT уште во септември 2025 година потврди дека води кривична постапка за организиран криминал и измама. Тогаш истрагата била насочена кон непознати лица.

По претресите, лицата опфатени со истрагата треба да бидат сослушани во седиштето на DIICOT. Обвинителството нагласува дека постапката е во тек и дека сите лица ги имаат своите процесни права, вклучително и презумпцијата на невиност.

Џорџеску беше независен кандидат на претседателските избори во Романија во 2024 година и освои најмногу гласови во првиот круг. Сепак, Уставниот суд на Романија на 6 декември 2024 година ги поништи изборите по објавувањето документи за наводно странско мешање, сајбер-напади и неправилности поврзани со неговата кампања на социјалните мрежи.

ИЗДВОЕНИ