понеделник, септември 21, 2026
Дома СВЕТ Сè повеќе барања за оставка од Мерц, гласачите на демохристијаните пребегнуваат во...

Сè повеќе барања за оставка од Мерц, гласачите на демохристијаните пребегнуваат во крајно десната АФД

157
EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Иако канцеларот Мерц сигнализираше дека ќе остане на функцијата и ќе продолжи со реформската агенда, поразите во неделата поведуваат прашања за неговата позиција во рамките на ЦДУ, која во Мекленбург-Западна Померанија го постигна својот најлош резултат на покраински избори од 1949 година. Малку е веројатно дека АФД ќе може да учествува во владата таму каде што победи, зашто другите големи партии отфрлаат коалиција со неа, според таканаречената политика на „санитарен кордон“. Но зголемената поддршка на АФД меѓу гласачите го поведе прашањето за одржливоста на таквиот пристап

Изборите во две германски покраини – Мекленбург-Западна Померанија и престолнината Берлин што се одржаа во неделата, донесоа големи загуби за водечките демохристијани, додека канцеларот Фридрих Мерц е под притисок да го спречи зајакнувањето на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Резултатите претставуваат голем удар за Мерц и за неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ), чии гласачи пребегнуваат во АФД, сè повеќе сомневајќи се дека 70-годишниот канцелар може да ја оживее германската економија и да ги намали трошоците за живот, пишува „Ројтерс“. Соочен со најнискиот рејтинг на одобрување од кој било германски канцелар откако се водат евиденции, Мерц, кој самиот ги нарече резултатите „катастрофа“, е под притисок да ги спроведе ветените реформи, додека има сè повеќе барања да поднесе оставка по помалку од 17 месеци на функцијата

Иако Мерц сигнализираше дека ќе остане на функцијата и ќе продолжи со реформската агенда, поразите во неделата поведуваат прашања за неговата позиција во рамките на ЦДУ, која во Мекленбург-Западна Померанија го постигна својот најлош резултат на покраинските избори од 1949 година. Ослабената позиција на канцеларот како лидер на најголемата и најмоќна членка на Европската Унија, би можела да го поткопа единството во рамките на блокот, каде што крајнодесничарските партии продолжуваат да добиваат на сила, додека односите со САД значително се оладија, а економските притисоци се засилија, наведува „Ројтерс“.

За разлика од ЦДУ, која го постигна својот најлош резултат, АФД значително се зајакна во двете покраини и стана најсилната партија во Мекленбург-Западна Померанија, каде што повеќе од двојно го зголеми својот резултат во споредба со 2021 година. Ова е вторпат за две недели оваа крајно десна партија да освои најмногу гласови на регионални избори во Германија, по победата во Саксонија-Анхалт претходно овој месец, што ѝ дава дополнителен поттик пред федералните избори во 2029 година. АФД, која веќе е најсилната партија на националните анкети со 29 проценти поддршка, ги привлече гласачите со ветувања за строги мерки за депортација на странци кои немаат право да останат во Германија, промовирање поконзервативни вредности засновани на традиционалниот семеен модел, како и враќање на евтина руска енергија.

„Ројтерс“ од свои извори објави информација дека АФД и Русија веќе подготвуваат состанок на почетокот на 2027 година за да разговараат за повторна испорака на руски гас за Германија. Состанокот би се одржал на неутрален терен, по услов претходно да се постигне мировен договор меѓу Русија и Украина. Сепак, и покрај ваквата сила, малку е веројатно дека АФД ќе може да учествува во владата таму каде што победи, зашто другите големи партии отфрлаат коалиција со неа според таканаречената политика на „санитарен кордон“.

Прелиминарните резултати од изборите покажуваат дека ќе бидат потребни три партии за да се формира идна влада во Мекленбург-Западна Померанија. Политиката на „санитарен кордон“ досега ја држеше АФД надвор од власт, но зголемената поддршка на партијата од гласачите го поведе прашањето за одржливоста на таквиот пристап. Овие промени ги принудуваат соперничките партии да разгледаат различни коалициски аранжмани. Во Мекленбург-Западна Померанија, најверојатната опција е второпласираната Социјалдемократска партија (СПД) да ги вклучи Зелените во постојната коалиција со Левицата. Во Берлин, победничката Левица би можела да формира мнозинство со СПД и Зелените.

ИЗДВОЕНИ