Шојгу: Западот треба да прифати дека Русија победи во војната и да започне преговори

83

Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу денеска изјави дека Западот треба да прифати дека Русија ја доби војната во Украина и да започне преговори за нејзино завршување.

Шојгу оцени дека Западот се обидел да ја искористи Украина за да и нанесе стратешки пораз на Русија, но не успеал во тоа, пренесува Ројтерс.

„Сега, кога ситуацијата на сцената на воените операции не е во корист на режимот во Киев, Западот е пред избор – да продолжи да го финансира и да го уништува украинското население или да ја препознае моменталната реалност и да започне преговори“, рече Шојгу, кој беше министер за одбрана на Русија од 2012 година до мај оваа година, кога Путин го смени.

Шојгу ја обвини Украина за „нуклеарен тероризам“, велејќи дека Киев планира да ја заземе нуклеарната централа Курск во Русија, како и да продолжи со нападите врз централата во Запорожје, која е под контрола на руските сили.