Во ноември во игра ќе бидат сите 435 места во Претставничкиот дом, а ќе се обноват и 33 од 100. места во Сенатот. Републиканците моментално имаат само тесно мнозинство во двата дома, а демократите се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, па дури и врз Сенатот. Во тој случај демократите би почнале постапка за отповикување на Трамп речиси веднаш, би можеле да ги блокираат неговите именувања, да поведат истраги и сериозно да го попречат спроведувањето на неговите политики. Републиканците ги прекројуваат изборните единици, а демократите ги менуваат мапите во државите што ги управуваат
За шест месеци Американците на парламентарни избори ќе одлучуваат за продолжување на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, по две години кои веќе длабоко ја променија земјата, пишува АФП. Минди Ромеро, директорка на Центарот за инклузивна демократија на Универзитетот во Јужна Калифорнија, вели дека влоговите се многу високи, а овие среднорочни избори се „пресвртница“ за двете партии.
– За демократите, прашањето не е само за враќање на контролата врз Конгресот. Тие постојано повторуваат дека Доналд Трамп и републиканските функционери претставуваат егзистенцијална закана за Америка – објаснува таа за АФП.
Од републиканците 79-годишниот претседател очекува задржување на парламентарното мнозинство за да го протурка остатокот од својата законодавна програма. Во спротивно, како што повторува постојано, демократите би почнале постапка за отповикување речиси веднаш. Демократскиот Конгрес би можел да ги блокира и неговите именувања, да поведе истраги и сериозно да го попречи спроведувањето на неговите политики. Во ноември во игра ќе бидат сите 435 места во Претставничкиот дом, а ќе се обноват и 33 од 100. места во Сенатот. Републиканците моментално имаат само тесно мнозинство во двата дома, а демократите се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, па дури и врз Сенатот.
Во САД, среднорочните избори традиционално се неповолни за партијата што ја освоила Белата куќа две години претходно. А шест месеци пред изборите, изгледите за републиканците се влошуваат. Сè повеќе анкети на јавното мислење покажуваат рекордно ниво на незадоволство од Доналд Трамп.
– Претседателот е прилично непопуларен, а тоа е обично прилично силен показател за тоа како ќе се покаже партијата на претседателот на среднорочните избори – рече Џулија Азари, професорка по политички науки на Универзитетот „Маркет“.
Многу Американци сметаат дека републиканскиот милијардер не успеал да ја подобри нивната економска состојба, иако беше избран делумно врз основа на тоа ветување. Војната што ја почна против Иран, исто така, се покажува како многу непопуларна, како и порастот на цените на горивата што го предизвика таа.
Во вториот табор, сепак, анкетите не покажуваат претеран ентузијазам за опозицијата.
– Американците се незадоволни од општата насока и од двете партии. Сепак, некој мора да победи во ноември и може да видиме луѓе што се незадоволни од демократите, но сеедно, тие одат во таа насока – додаде Азари.
Меѓу другите главни теми на кампањата е битката што ја почна Трамп околу прекројувањето на изборните единици. Во 2025 година, тој побара од неколку држави предводени од републиканците да ги прекројат своите изборни единици со цел да го разводнат гласот на демократите, со надеж дека ќе освојат дополнителни места во Конгресот. Таа форма на изборно инженерство не е нова во САД, но Трамп ја врати во мода, особено во Тексас и во Северна Каролина. Од своја страна, демократите возвратија со прекројување на мапите во државите што ги управуваат, како што се Калифорнија или Вирџинија. Границите на изборните единици традиционално се исцртуваат еднаш на секои десет години, по пописот, како што бара Уставот на САД, но тоа е можно и почесто. Одлуката на Врховниот суд со конзервативно мнозинство, донесена минатата недела, да го ограничи прекројувањето на изборните единици што им одговараат на малцинствата, ги измеша картите уште повеќе. Неколкумина републикански гувернери во јужниот дел на САД, како што се Луизијана или Алабама, веќе ја објавија својата намера да ги прекројат своите изборни единици за да ги елиминираат демократските места. Азари забележува дека сè уште не е видливо влијанието на сите овие промени, но придонесува за загрижувачкиот „изборен хаос“. За Минди Ромеро, неизвесноста што доминира шест месеци пред изборите може да се спореди со „шаховска табла во движење, на задниот дел од камион, на нерамен селски пат“.












