недела, јуни 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЧЕСТВУВАЊЕ НА 123 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР: Македонија и денес...

ЧЕСТВУВАЊЕ НА 123 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР: Македонија и денес има потреба од херои како Гоце Делчев

Бројни државни, партиски и други делегации со венци и букети свежо цвеќе оддадоа должна почит пред вечното почивалиште на апостолот на македонското револуционерно движење во кругот на црквата „Свети Спас“. „ Светот и денеска има потреба од луѓе како Гоцета, Македонија и денес има потреба од херои како него, потреба од личност со љубов кон својот народ и со почит кон сите народи“, нагласи во панихидата архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе стори сè идеалите на македонскиот јунак да останат вечни

329

Светот и денеска има потреба од луѓе како Гоцета, Македонија и денес има потреба од херои како него, потреба од личност со љубов кон својот народ и со почит кон сите народи, порача поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан, на денешното чествување посветено на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во кругот на црквата „Свети Спас“, каде што е неговото вечно почивалиште, по повод одбележувањето на 123 години од неговото загинување, се одржа панихида, а бројни државни и други делегации му одадоа почит на великанот на македонското револуционерно движење. Венци положија делегацијата на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегацијата на македонското Собрание, делегацијата на Кабинетот на претседателката на државата и разни делегации на политички партии и граѓански здруженија

Во панихидата со која началствуваше архиепископот г. г. Стефан им беа оддадени почит и спомен и на сите македонски борци за слобода паднати во текот на разни историски периоди.

– Господе, дај им вечен спокој на починатите твои чеда борци, комити, војводи, илинденци, партизани, бранители, паднати за духовна и за национална слобода на Македонија и на твоето чедо Гоце Делчев. Се собравме на молитвен помен за душата на големиот македонски син, војвода и револуционер, Гоце Делчев. Стоејќи простум и со почит пред неговиот гроб, да му благодариме на Бога што ни дал таков јунак од нашиот род просејќи да му даде вечен мир во царството небеско. Истовремено, пак и пак му се обраќаме на војводата ветувајќи му дека нема да ги заборавиме неговото дело и жртва и дека нема да застанеме да се бориме и да ги браниме слободата и вистината за нашиот македонски народ. Слободата и вистината за кои Гоце живееше и за кои даде својот живот – нагласи поглаварот на МПЦ-ОА.

Тој додаде дека Гоце Делчев можел да го одбере личниот спокој меѓу неспокојот на својот народ, но големите личности како него тоа не го прифаќаат, туку истапуваат кој со збор, кој со молитва, а некој, кога е потребно, и со борба со востание и со револуција во одбрана на слободата и на човечноста.

– А таква борба не е борба за омраза, ниту, пак, е против некој народ, тоа е борба против неправдата, против поробувањето и против сè што го повредува божјиот образ кај човекот. Гоце имал таква вера дека секој човек има право да живее слободен и дека секој народ има право да ги крои својата сегашност и иднина. Светот и денеска има потреба од луѓе како Гоцета, Македонија и денес има потреба од херои како него, потреба од личност со љубов кон својот народ и со почит кон сите народи. Има потреба од луѓе кои нема да се плашат да застанат против неправдата, но кои притоа нема да дозволат да ги води омразата. Оттаму, и денеска, 123 години од неговото венчавање за црната поробена земја македонска, да му се помолиме на Господа да му ја прими душата во своето царство небесно и да му даде живот вечен. А нам да ни ја даде силата да ја знаеме скапата цена на слободата, да ја чуваме како свет дар, да бидеме достојни наследници на оние што, како Гоцета, ги дале своите животи за неа – рече архиепископот Стефан.

По чествувањето македонскиот премиер Христијан Мицкоски, рече дека оддале почит кон големиот македонски јунак.

– Му оддадовме, во името на Владата, вечен помен на жртвата на великанот, македонски јунак, Гоце Делчев, и на тој начин само сакаме да покажеме дека, како Влада, ќе сториме се неговите идеали, неговата борба за самостојна Македонија, за македонскиот народ, но и за сите граѓани што живеат во Македонија, да останат вечни. Да се сеќаваме на неговите лик и дело и, на тој начин, неговите лик и дело да бидат пренесени на генерациите што доаѓаат по нас бидејќи вредностите во кои верувал овој наш титан и великан, Гоце Делчев, за жал, некои земји членки на ЕУ сè уште не ги почитуваат и не само што не ги почитуваат туку и не ги спроведуваат. Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и во македонскиот идентитет – нагласи Мицкоски.

Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, во своето обраќање истакна дека Гоце Делчев се борел за слободна и праведна Македонија, а денешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ја претворило државата во плен на корупцијата.

– За жал, денес неговото име се злоупотребува од страна на ВМРО – организација која се претставува како негов „наследник“, а, всушност, е криминална група предводена од шефот на мафијата, Христијан Мицкоски. Гоце Делчев се бореше против неправда и туѓинска власт. Денешната ВМРО се бори за тендери, заштита на криминалци и за бугарски пасоши во џебовите – изјави Филипче.

Според него, политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се во целосна спротивност со идеалите на македонскиот револуционер.

– Гоце Делчев се бореше за слободна и праведна Македонија. Денешната ВМРО ја претвори државата во плен, а граѓаните во заложници на својата корупција и власт. Ако Гоце Делчев денес беше жив, би се срамел од оние што се повикуваат на неговото име додека уништуваат сè за што тој се бореше. Тој лично би се борел против Мицкоски, против оваа денешна криминална група ВМРО и против сè она што тие го претставуваат – нагласи Филипче.

(Б. Ѓ.)

На Михајло Марковиќ и Соња Новотни врачена наградата „Гоце Делчев“

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година, денеска им беше доделена на проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни за научното дело „Континуитетот на Македонскиот јазик I“, посветено на лексиката и на развојниот континуитет на македонскиот јазик. Ова вредно признание се доделува за особено значајни остварувања во областа на науката, а на церемонијата во македонското Собрание се обрати и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.

– Ова дело се вбројува меѓу оние што анализираат клучни лингвистички прашања за македонскиот јазик и неговиот лексички фонд. Ја обработува врската помеѓу старите текстови и современиот македонски јазик, односно систематски ја документира неговата еволуција, ја анализира структурата и употребата, и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет, рече Јаневска.

ИЗДВОЕНИ