недела, јуни 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЗА СТИМУЛИРАЊЕ НА НАТАЛИТЕТОТ: Од јануари мајките ќе се ослободуваат од данок

ЗА СТИМУЛИРАЊЕ НА НАТАЛИТЕТОТ: Од јануари мајките ќе се ослободуваат од данок

262

Од почетокот на следната година ќе стартува една од мерките за стимулирање на наталитетот во земјава, а која опфаќа ослободување на мајките од данокот. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по чествувањето за Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“. Тој беше прашан за изготвување нова стратегија за подобрување на демографската состојба во земјава и за примена на определени мерки. Мицкоски неодамна објави дека ослободувањето на мајките од данокот е една од планираните мерки. Се работи за поврат на средствата на мајката што ќе роди прво дете од една година, второ дете две години и трето дете, сè додека највозрасното не стане полнолетно.

– Со оваа мерка ќе започнеме од почетокот на следната година. Веќе се подготвуваат овие политики. В четврток ќе имаме и голема светска конференција заедно со Обединети нации, за демографијата. Демографијата е еден од нашите приоритети. За некои 20-25 години од денеска ќе имаме сериозен бран на проблеми со кои денеска се соочуваат голем дел од западноевропските земји – рече тој.

Според него, во план е стимулирање на создавањето семејства и раѓањето што повеќе деца.

– Потребно е да се стимулира брачната заедница, да се стимулираат повеќедетните семејства. Тоа е она што е наш приоритет. Тоа е лична одлука на секого. Јас, како премиер, не можам да сугерирам, но формирање семејство, многудетно семејство, ние, како Влада, ќе го поддржиме – рече Мицкоски.

Весникот ВЕЧЕР денеска објави дека статистичките податоци за минатата година покажуваат намалување на населението во дури 62 македонски општини, како резултат на поголемиот број на оние што починале во однос на бројот на раѓања. Само 18 општини имаат поголем наталитет отколку морталитет.

(Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ