Превозниците од Македонија и Западен Балкан се загрижени дека утрешниот онлајн состанок со Европската комисија нема да донесе брзо решение за правилото за престој во Шенген-зоната. Специјалните долгорочни визи за професионални возачи се сметаат за најреалното решение, но бројките на ИРУ покажуваат дека недостигот на возачи во Европа веќе достигнува повеќе стотици илјади. Од „Макам-транс“ стравуваат дека одливот на возачи кон ЕУ и неусогласената примена на правилата на границите дополнително ја влошуваат кризата во транспортниот сектор во целиот регион
Превозниците од Македонија и од регионот на Западен Балкан немаат големи очекувања од утршниот состанок со претставници од Европската комисија за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските и регионалните транспортери поради правилото за престој во Шенген-зоната.
Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам-транс“, за весникот ВЕЧЕР, вели дека, според најавите, состанокот кој ќе биде онлајн ќе се одржи во два дела и се поканети претставници на превозниците од шесте балкански држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина), како и претставници од стопански комори на овие земји.
– На првиот состанок треба сите да ги изнесат своите видувања за проблемот и да искажат свои претходни искуства за тоа. А на вториот состанок, на работната група ќе бидат присутни и претставници на шесте држави од Западен Балкан. На 16 март, во Брисел се одржа средба со мешовитите комори со претставници од Европската комисија и од она што ни пренесоа од состанокот, не влева надеж за правично решавање на проблемот – вели Муратовска.
Премиерот Христијан Мицкоски, пред една недела, изјави дека очекува да се реши проблемот со транспортерите преку издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген-зоната. Тој рече дека се разговара за оваа опција на билатерално ниво, со неколку држави од ЕУ што се истовремено и членки на Шенген-зоната.
И за македонските транспортери, специјални долгорочни визи за професионалните возачи се едно од најреалните решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските транспортери поради правилото за престој во Шенген-зоната. Муратовска вели дека на 23 март ќе има состанок во Министерството за транспорт и врски со министерот Александар Николоски и со неговиот тим, каде што ќе бидат прецизирани следните чекори.
Најновиот извештај на ИРУ – Светската патна транспортна организација, во Европа (ЕУ + Норвешка + Велика Британија) во 2023 година недостигале над 233.000 возачи на камиони. Инаку во моментов во секторот има околу 450 – 500 илјади непополнети позиции во Европа во одредени моменти.
– Ако ситуацијата продолжи без решенија, оваа бројка може да порасне над 745.000 до 2028 година поради пензионирање и недостаток на нови возачи – се наведува во извештајот на ИРУ.
Токму овие податоци ги плашат во „Макам-транс“, која е најголемата асоцијација на камионски превозници во нашата земја. Муратовска вели дека би можело да има одлив на возачи во земјите на ЕУ да работат за тамошни компании, бидејќи ако остане Шенген-правилото 90/180, нашите возачи многу брзо ќе исполнат 15 дена во Шенген-зоната и потоа нема да можат да возат, со што, автоматски, платата ќе им биде преполовена.
Медиумите во Босна и Херцеговина објавуваат дека проблемот со дозволениот престој на возачите во Шенген-зоната, ескалира. Дури 875 професионални возачи од БиХ се вратени од границата со Хрватска, што предизвика масовно откажување на договори за транспорт. Тамошната бизнис-заедница предупредува дека секторот е пред колапс, а транспортните компании стравуваат дека ќе бидат целосно исфрлени од глобалните синџири на снабдување, што би предизвикало несогледлив домино-ефект врз целата економија во регионот. Превозниците предупредуваат и на конкретни загуби – некои компании веќе бележат стотици илјади евра дневно, додека дополнителен проблем претставува неусогласената примена на правилата на границите.
(С. Бл.)












