АД ЕСМ уверува дека октомвриската плата за вработените ќе биде исплатена во законскиот рок, по реакциите од СДСМ дека има доцнење на исплатата. Од компанијата објаснуваат дека причината за административното одложување е ажурирањето на личните податоци на повеќе од 140 вработени, за што била потребна дополнителна техничка обработка и проверка до 6 ноември.

Од ЕСМ велат дека со овие активности се обезбедува точна и сигурна исплата на платите, нагласувајќи дека компанијата самостојно ги обезбедува средствата за личен доход, без субвенции од државниот буџет. Во реакцијата се посочува и дека е започнат процесот за зголемување на платите, согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати.

Од компанијата додаваат дека регресот за годишен одмор за 2026 година бил исплатен во целосен износ уште во јули, а последните две години декемвриската плата се исплаќа пред новогодишните празници. ЕСМ ги отфрла обвинувањата за проблеми со исплатата, оценувајќи дека станува збор за обиди за создавање немир меѓу вработените.

 

ИЗДВОЕНИ