Фудбалската репрезентација на Македонија ја очекуваат последните два натпревари од Лигата на нациитево Б-дивизијата, против Шкотска на гости (13 ноември) и против Словенија на домашен терен (16 ноември).

Нашата селекција сè уште нема освоено бодови на ова натпреварување, па на претстојните дуели ќе се обиде да ја прекине негативната серија и да стигне до позитивен резултат.

Селекторот Гоце Седлоски го објави списокот од 26-мина фудбалери, а најголемо изненадување е изоставувањето на Бојан Миовски. Напаѓачот на Ренџерс овој пат нема да биде дел од националниот тим, а причината, според селекторот, е малата минутажа во клубот.

  • Миовски нема минутажа. Тоа е причината. Секако дека не е избришан и има простор повторно да се врати. Нема лутење. Кога не играв за клубот, и јас не бев повикуван – објасни Седлоски.

Ново име на списокот е напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски, додека во одбраната се враќа Стефан Деспотовски од ОФК Београд. Повик доби и Имран Фетаи, а по повредата повторно е достапен Никола Серафимов. Од друга страна, го нема Ѓоко Зајков.

Седлоски најави дека нема да отстапи од својата намера да внесе нова енергија и да ја подмладува репрезентацијата, но испрати и јасна порака до фудбалерите дека очекува максимална посветеност.

  • Нема повеќе да дозволам да доаѓаат играчи во Скопје и да се однесуваат како да се на одмор. Репрезентацијата не е место каде што ќе дојдеш, ќе се видиш со фамилијата и со другарите и ќе испиеш кафе. Секој мора да го даде максимумот – порача селекторот.

За претстојниот дуел со Шкотска, тој е свесен дека Македонија ја очекува тешка задача, особено пред полни трибини и околу 60.000 домашни навивачи.

  • Ако не играме агресивно со Шкотска, нема што да бараме таму. Мора да дадеме сè од себе. Немаме постигнато гол, тоа е факт, но ќе се обидеме да го промениме тоа – истакна селекторот.

Така, Македонија ќе влезе на последните два натпревари со неколку промени, нови имиња и со јасна порака од Седлоски: местото во репрезентацијата мора да се заслужи со настапи и со залагање во клубот.

ИЗДВОЕНИ