четврток, август 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Се засилува борбата против незаконското трошење на парите на граѓаните

Се засилува борбата против незаконското трошење на парите на граѓаните

0

Изградба на систем што е отпорен на влијанија и гарантира законско и наменско трошење на парите на даночните обврзници треба да овозможи соработката меѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија дефинирана во меморандум, кој денеска го потпишаа министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и главниот државен ревизор, Максим Ацевски.

Двете институции се обврзуваат за побрз трансфер на информациите при сомнежи за измами и незаконски активности насочени против финансиските интереси на државава и на Европската Унија.

– Нашата обврска е секој денар од домашните буџетски средства, како и секое евро од европските фондови, да биде потрошен законски, наменски, одговорно и во интерес на граѓаните – изјави  Димитриеска-Кочоска по потпишувањето на меморандумот.

Според неа, ова партнерство не е само административен чекор туку и суштинска реформа, која дава основа за подобра координација, поголема транспарентност и за поефикасна заштита на јавните средства.

Според министерката, оваа соработка има директно значење и за успешноста на евроинтеграцискиот процес. Таа потенцира дека размената на информации и координацијата во областа на поглавјето 32 – Финансиска контрола се особено важни за унапредување на реформите и за подготовка и спроведување на препораките од Европската комисија.

– Нашата цел е  да продолжиме со целосно усогласување и примена на меѓународните стандарди на врховните ревизорски институции – ISSAI и со постојано јакнење на системот на јавна финансиска контрола –  рече Димитриеска -Кочоска.

Главниот државен ревизор, Ацевски, пак, оцени дека со меморандум се воспоставува бескомпромисен систем што гарантира дека е заштитен секој денар од даночните обврзници од неправилности и од измами.

– Со оваа соработка, ние не само што ги подигнуваме транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво, согласно со европските вредности, туку и директно го подобруваме квалитетот на услугите за граѓаните, осигурувајќи дека наменски се користат средствата на даночните обврзници, во насока на испорака на квалитетни, навремени и континуирани услуги на граѓаните – рече Ацевски.

ИЗДВОЕНИ