Силната бура ја оштети стрелката на часовникот на Старата железничка станица, но не успеа да го наруши неговото значење како вечен сведок на скопската трагедија. Стручни екипи ќе ја санираат и ќе ја вратат на место стрелката што со децении стои закована на 5 часот и 17 минути. Иако е еден од најпрепознатливите симболи на градот, за неговиот механизам, производителот и за потеклото сè уште нема целосни архивски податоци. Часовникот што го преживеа земјотресот од 1963 година и денес потсетува на болката, но и на големата солидарност што го изгради новото Скопје

Скопскиот часовник што повеќе од шест децении го чува времето на една од најголемите трагедии во историјата на градот, деновиве доби нова рана. Силното невреме што го зафати Скопје оштети една од стрелките на часовникот на Старата железничка станица – симболот што со години стои во Градот на Солидарноста, замрзнат на 5 часот и 17 минути.
Стрелката, која со децении им одолеваше на дождовите, снеговите и на жешките скопски лета, попушти. Ветрот овој пат беше посилен од старото железо. Но, приказната што ја носи овој часовник не може да ја скрши ниту едно невреме.
Од Конзерваторскиот центар – Скопје за ВЕЧЕР велат дека е забележано оштетувањето и дека веќе работат стручни екипи на санацијата. Стрелката ќе биде поправена и вратена, а часовникот повторно ќе остане таков каков што го памети Скопје.
Деновиве се присетуваме на тоа кобно 26. јулско утро 1963 година, кога за само неколку минути Скопје што дотогаш го познаваа скопјани, го снема во урнатините и пепелта. Часовникот на Железничката станица го улови тој момент, металните стрелки застанаа и оттогаш останаа како нем сведок на катастрофата.
Затоа неговата санација не е само за поправка на стар метален дел туку за зачувување на еден од најсилните симболи на градот.
Стрелките запреа. Времето застана
На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, Скопје се разбуди под урнатини. Земјотресот што го погоди градот однесе повеќе од илјада животи, илјадници луѓе беа повредени, а голем дел од Скопје беше претворен во урнатини. Меѓу зградите што го преживеаја катастрофалниот удар беше и делот од Старата железничка станица со големиот фасаден часовник. Стрелките запреа. Времето застана. И наместо повторно да биде пуштен во работа, часовникот остана така – како нем сведок на моментот кога старо Скопје го промени својот тек.
Со години генерации скопјани поминуваат покрај него, гледајќи ги истите стрелки. Некои со спомени од земјотресот, некои со приказни што ги слушнале од своите родители и баби и дедовци. Не го поместија ни идеите ни времето.
Овој часовник низ годините преживеа многу предлози, дискусии и дилеми. Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, се присетува дека во неговата изборна програма во 2009 година било предвидено покрај стариот часовник да има и нов, кој ќе го покажува реалното време. Но, идејата, истакна тој за весникот ВЕЧЕР, предизвика реакции во јавноста, бидејќи многумина ја сфатија како обид да се „поправа“ симболот на градот.
– Кога станав градоначалник, не пипнав ништо. Часовникот остана како што е и денес – изјави Трајановски за весникот ВЕЧЕР.
Во јули 2018 година беше забележано дека се поместени стрелките на часовникот на Музејот на Град Скопје, кои наместо 5:17 часот, тогаш покажуваа 6:17 часот. Од кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов тогаш изјавија дека забележале оти се поместени стрелките додека работеле на поставување на буквите од пораката за солидарност на Јосип Броз Тито, во рамките на одбележувањето на 55-годишнината од катастрофата.
– Не знаеме кога се поместиле стрелките. Најверојатно, тоа е од последниот земјотрес што се случи пред две години, но никој досега не забележал – изјавија тогаш од Град Скопје.
И навистина, часовникот остана таму каде што е – како што бил оставен по земјотресот. Но, времето, сепак, остава траги. Корозијата полека го нагризувала металот, а изложеноста на атмосферските влијанија си го направила своето. Последниот удар дојде од силниот ветер.
Часовник со тајна историја
Иако е еден од најпознатите симболи на Скопје, голем дел од неговата техничка историја останува непознат. Познато е дека бил поставен со изградбата на новата Железничка станица, која била пуштена во употреба во 1940 година. Според штурите податоци со кои располага Државниот историски архив, архитектонското решение е на големиот Велимир Гавриловиќ кој ја проектирал станицата како модерен и репрезентативен објект за тогашна Југославија, а часовникот бил дел од фасадната композиција – поставен над главниот влез за да биде видлив за патниците и за граѓаните.
Но, кој точно го направил механизмот, од која фабрика потекнува и кој го поставил – тоа сè уште останува мистерија. Во достапните архиви нема сигурен документ со името на производителот. Постојат претпоставки дека можел да биде произведен од некој од големите европски производители на железнички часовници од 1930-тите, но без официјален доказ. Одговорот, најверојатно, се крие во старите железнички архиви, проектната документација за изградбата на станицата или во архивите на Музејот на Град Скопје.
Но, она што може да се најде ако се пребара по Интернет е дека часовникот останал механички неоштетен благодарение на исклучително цврстата конструкција на носечкиот ѕид на зградата и начинот на кој се одразила силата на земјотресот врз објектот. Иако централниот и десниот дел од Старата железничка станица претрпеле огромни уривања, делот каде што се наоѓал часовникот ја преживеал катастрофата поради неколку клучни причини.
Архитектот Велимир Гавриловиќ ја проектирал зградата со масивни, армиранобетонски столбови и со исклучително дебели ѕидови на челниот дел, со цел да издржи голем проток на патници. Токму тој преден блок каде што е монтиран часовникот го издржал првичниот силен удар. Најразорниот бран на земјотресот предизвикал паѓање на огромниот застаклен покрив над пероните и на внатрешните куполи. Силата се насочила наназад и кон страничните крила, додека главниот влезен ѕид останал да стои како „штит“.
Самиот механизам не бил здробен или скршен од физички удар. Земјотресот предизвикал силни вибрации, кои моментално го прекинале напојувањето и го блокирале внатрешниот пренос на сила. Ова предизвикало инстантна блокада (замрзнување) на стрелките, оставајќи ги недопрени и надворешно неоштетени на точната минута.
Светлана БЛАЖЕВСКА












