вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Се проширува истрагата за инвестициската фирма на синот на Доналд Трамп

Се проширува истрагата за инвестициската фирма на синот на Доналд Трамп

0
EPA/JIM LO SCALZO

Демократскиот конгресмен Џејми Раскин ја прошири истрагата за инвестицискиот фонд „1789 Capital“, поврзан со Доналд Трамп Помладиот, поради сомнежи дека синот на американскиот претседател можеби користел доверливи информации за да оствари финансиска корист преку инвестициите на фондот.

Раскин, кој е водечки демократ во Комитетот за правосудство при Претставничкиот дом на САД, испратил официјални писма до четири компании – „Hadrian Automation“, „Juul Labs“, „Polymarket“ и „GrabAGun“, барајќи да достават информации за комуникацијата со „1789 Capital“ во изминатите две години, како и други документи поврзани со нивните деловни односи.

Според Раскин, целта на истрагата е да се утврди дали Трамп Помладиот располагал со информации за претстојни владини одлуки и потези, кои потоа можеле да влијаат врз компаниите во кои инвестирал фондот, носејќи му финансиска корист.

„1789 Capital“, инвестициска фирма со седиште во Палм Бич, Флорида, е основана во 2022 година, а во ноември 2024 година беше објавено дека Трамп Помладиот станал нејзин партнер. Раскин смета дека некои од инвестициите на фондот по неговото приклучување биле сомнително добро временски усогласени со подоцнежните владини одлуки и доделувањето федерални договори.

Како пример, во писмата се наведува дека „Hadrian Automation“ обезбедила договори во вредност од речиси една милијарда долари со американската морнарица и копнената војска, откако „1789 Capital“ инвестирала во компанијата во 2025 година.

Дополнително, „Juul Labs“ во јули 2025 година добила одобрение од американската Агенција за храна и лекови (FDA) за продолжување на продажбата на своите електронски цигари, четири месеци по инвестицијата на фондот.

Раскин го посочи и случајот со „GrabAGun“, која со поддршка на „1789 Capital“ излезе на берза и го назначи Трамп Помладиот за член на својот одбор на директори. Тој отвори прашања и за затворањето на истрагите против платформата за предвидувања „Polymarket“ во јули 2025 година.

Од „1789 Capital“ ги отфрлија обвинувањата. Адвокатот на фирмата, Бил Берк, изјави дека Раскин погрешно ги претставува фактите и дека продолжува да шири неосновани тврдења против компанијата.

И од „GrabAGun“ реагираа на писмото, оценувајќи го како политички мотивиран документ. Од „Juul Labs“, пак, соопштија дека внимателно го разгледуваат барањето и дека имаат намера да соработуваат со Конгресот.

Трамп Помладиот и „1789 Capital“ претходно ги негираа сите наводи за неправилности. На настан организиран од „Axios“ минатата недела, Трамп Помладиот ги отфрли сомнежите за можна корупција, оценувајќи дека изнесените тврдења не ја одразуваат реалноста.

ИЗДВОЕНИ